ЧЛЕНСТВОТО ВО ЕУ Е НАЈГОЛЕМА ИНВЕСТИЦИЈА ВО СТАБИЛНОСТА Гордана Сиљановска-Давкова го угости нејзиниот албански колега Бајрам Бегај

Претседателката предупреди дека билатерализацијата на евроинтегративниот процес и отворањето идентитетски и историски прашања можат дополнително да го усложнат патот на земјите од регионот кон ЕУ.

58

На заедничката прес-конференција со албанскиот претседател Бајрам Бегај, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека односите меѓу двете земји се на високо ниво и дека посетата претставува потврда за стабилното пријателство и партнерство меѓу Скопје и Тирана.

– Посетава е уште една потврда за одличните пријателски односи што се градат врз меѓусебна почит, доверба и заедничка визија за европската иднина. Ме радува што нашиот политички дијалог е отворен, искрен и заснован на разбирање – рече Давкова.






Таа нагласи дека меѓу двете држави нема отворени прашања, што, како што посочи, создава стабилна основа за унапредување на соработката во сите сфери.

– Секогаш меѓу соседите има теми што бараат внимание, но важно е што немаме отворени прашања. Кога постои таква состојба, тогаш навистина има простор за продлабочување на соработката – во економијата, инфраструктурата, образованието и културата – додаде Давкова.

Во економскиот дел, претседателката истакна дека иако нивните функции се претежно церемонијални, двајцата претседатели ја потенцирале потребата од зголемување на трговската размена и инвестициите, како и од подобра инфраструктурна поврзаност и олеснување на прекуграничните процедури.

– Има неискористен потенцијал меѓу нашите бизнис-заедници што треба да се валоризира. Потребна е поголема економска динамика, повеќе инвестиции и подобра поврзаност, особено во делот на инфраструктурата и олеснувањето на прекуграничната соработка – нагласи Давкова.

Европската перспектива, како што рече, останува централна тема во разговорите. Таа повтори дека земјата останува цврсто определена за членство во Европската Унија, при што клучни се реформите, владеењето на правото и борбата против корупцијата.

– Нема поголема инвестиција во стабилноста на Западниот Балкан од членството во Европската Унија. Тоа не е само исполнување на критериуми, туку процес на вистинска европеизација и јакнење на демократските институции – истакна Давкова.

Претседателката предупреди дека билатерализацијата на евроинтегративниот процес и отворањето идентитетски и историски прашања можат дополнително да го усложнат патот на земјите од регионот кон ЕУ, апелирајќи до земјите-членки сериозно да пристапат кон овој предизвик.

Во делот на безбедноста, таа посочи дека двете држави имаат одлична соработка во рамки на НАТО и остануваат посветени на заедничката европска и евроатлантска политика во услови на глобални неизвесности, додавајќи дека партнерството и солидарноста се клучни за зачувување на мирот и стабилноста во регионот.

Поврзани содржини