ЧЛЕНКА НА НАТО НЕ СМЕЕ ДА СТРАВУВА ЗА СВОЈАТА СТАБИЛНОСТ Власта предизвикува вештачка криза за да ја узурпира волјата на народот
Држењето на власта по секоја цена нема да им помогне, бидејќи и во СДСМ и во ДУИ знаат дека ќе следува одговорност за сета корупција и криминално однесување, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ реагираат на засилената реторика од владејачките партии за тоа дека земјата се наоѓа во мошне деликатна меѓународна ситуација, поврзана со решавањето на спорот со Бугарија и преговорите за членство со Европската Унија.
– СДСМ и ДУИ не смеат и немаат никакво право и легитимитет да го киднапираат и да го држат во заложништво македонскиот народ, злоупотребувајќи го спорот со Бугарија, за кој, како Парламент и држава, на ден 29.07.2021 годинаизгласавме Резолуција, поднесена од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, априфатена едногласно од сите, со која се поставија нашите црвените линии во преговорите. Се’ останато, што се обидуваат да го направат, надвор од рамките на оваа резолуција, е само груба манипулација, дефокусирање и очаен обид за спас на оваа власт, на сметка на државата и граѓаните – изјави Дафина Стојаноска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.
Таа реагира и наметнувањето на тезата дека СДСМ и ДУИ се прогресивната, про-ЕУ сила, што според нејзе е само лош изговор за пазарења, повторно на штета на државата и народот кој веќе ја развласти и делегитимира оваа власт. Држењето на власта по секоја цена нема да им помогне, бидејќи и во СДСМ и во ДУИ знаат дека ќе следува одговорност за сета корупција и криминално однесување.
– На сите ни е јасно дека не постои никаква безбедносна криза по прашањето за спорот со Бугарија. Единствената криза постои само во владата на СДСМ и ДУИ, колабирана од неспособност, неодговорност и корупција. (Артан) Груби и владата ја втурнуваат Македонија во вештачка криза, со издигнување на спорот со Бугарија на ниво на безбедносно прашање. Спорот со Бугарија не е безбедносно прашање, ниту пак спор од безбедносен карактер. Овој обид на Груби и на власта – да градат на оваа теза преговори, е поразителен за државата. Македонија е земја – членка на НАТО и со ова сите наши безбедносни прашања се затворени – додаде таа.