Член на обезбедувањето на Пендаровски позитивен на ковид-19, немал контакти со претседателот
Претседателот продолжува со извршување на редовните работни обврски.
Вработен во Министерството за внатрешни работи кој е дел од обезбедувањето на на претседателот Стево Пендаровски е позитивен на ковид-19, соопшти Кабинетот на претседателот.
Од Кабинетот на престседателот соопштуваат дека тој е дел од поширокото обезбедување на претседателот и немал директна комуникација со него. Минатата седмица користел годишен одмор, а последен пат бил на работното место на 11 мај 2020 година.
Како што е соопштено, по спроведената епидемиолошка анкета, утврдено е дека е потребно да се тестираат дополнително 11 лица кои биле во контакт со лицето кое е позитивно. Сите 11 лица се тестирани и се негативни на ковид-19, но и покрај тоа остануваат во самоизолација до 25 мај, до истекот на инкубација од 14 дена.
– По извршената епидемиолошка анализа, претседателот Пендаровски и членовите на неговото семејство се оценети како контакти од втора линија, за кои според епидемиолошкиот протокол не се препорачува изолација – информираат од кабинетот на Пендаровски.
Оттаму додаваат дека претседателот продолжува со извршување на редовните работни обврски.
– Кабинетот на претседателот продолжува непречено да функционира, согласно препораките за заштита од ковид-19. Во изминатите два месеци вработените работат по различен распоред. Поголемиот дел од активностите се одржуваат на отворено. На средбите и настаните се одржува препорачаното физичко дистанцирање, се користи заштитна опрема како маски и ракавици, средства за дезинфекција, а редовно се чистат и дезинфицират просториите во „Вила Водно“ – информираат од Кабинетот на претседателот.