ЧИТАЈТЕ ЈА ИСТОРИЈАТА И ЌЕ СФАТИТЕ ДЕКА ВЕКОВНИОТ МАКЕДОНСКИ ИДЕНТИТЕТ Е ПРИЗНАЕН КАКО БУГАРСКИ Каракачанов пак провоцира

Каракачанов го советува премиерот Мицкоски да престане со, како што вели, провокациите и да се погрижи да се почитуваат законите и да се заштитат правата на македонските Бугари, наместо со своите изјави да влева омраза.

681

„Повикот за официјално признавање на сепаратистичките групи на етничка основа е опасно“. Ова го вели еден од копретседателите на бугарската политичка партија ВМРО-БНД и поранешен вицепремиер на Бугарија, Красимир Каракачанов во свој став објавен на Фејсбук.

Причина за реакцијата е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој беше запрашан какво е расположението во ЕУ за потпишување изјава од страна на Европскиот совет, Европската комисија или од бугарска страна, за тоа дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ.






Каракачанов на тоа објави:

„Го потсетувам македонскиот премиер Мицкоски дека како шеф на земја која аплицира за членство во Европската Унија, мора да одржува добри односи со соседните земји и пред сѐ да го почитува Договорот потпишан на 1 август 2017 година. Во него, во Членот 11 јасно вели дека ниту една страна нема да дозволи организации и групи кои се занимаваат со сепаратистички активности или имаат територијални претензии“.

За зборовите на Мицкоски дека се бара „јасно и недвосмислено признавање на вековниот македонски идентитет, на вековната македонска култура, традиција, обичаи и македонскиот јазик“, лидерот на ВМРО-БНД додава:

„Но, се разбира, јасно и недвосмислено се признава дека тие се Бугари. И тоа го докажуваат не бугарските историчари и политичари, туку стотици странски историчари – византиски, турски, американски, француски, германски, руски, кои во своите дела пишуваат само и исклучиво за Бугарите во Македонија, а не за каков било македонски идентитет“.

Каракачанов го советува премиерот Мицкоски да престане со, како што вели, провокациите и да се погрижи да се почитуваат законите и да се заштитат правата на македонските Бугари, наместо со своите изјави да влева омраза.

„Властите во РСМ мора под итно да престанат со говорот на омраза кон Бугарите и Бугарија, со прекршувањето на правата на Бугарите во РСМ, заканите, малтретирањето и физичките напади врз граѓаните на РСМ кои се изјаснуваат како Бугари“, потсетувајќи го, како што објавува, дека „семејството на неговата сопруга се прокламирало како Бугари врз основа на документите доставени за бугарско државјанство“.

Каракачанов инсистира и на официјален став од бугарската држава, а потсетува и на предлогот на ВМРО-БНД за свикување референдум на кој граѓаните на Република Бугарија ќе одговорат на прашањето: „Дали сакате Република Северна Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија?“.

Шефот на македонската влада побара признавање на пресудите од Стразбур за македонската заедница во Бугарија и признавање на македонскот јазик, култура и посебност.

– Треба да видиме дела, а дела според мене претставуваат признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија. Јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет и јасно и недвосмислено признавање на многувековната македонска култура, традиција, обичаи, и јасно и недвосмислено признавање на македонскиот јазик кој е официјален јазик во ОН од 1945. Мораме да ги почитуваме принципите, во спротивно имаме сериозен проблем – рече Мицкоски.

Поврзани содржини