„ЧИСТИОТ ВОЗДУХ Е ЗАЕДНИЧКА ОДГОВОРНОСТ“ Перински вели дека борбата против аерозагадувањето е обврска на сите нивоа на власт

Министерот истакна и дека Министерството за локална самоуправа посредно учествува во финансирање на активности во областа на животната средина и дека е потребно постојано предлагање на мерки и решенија коишто ќе го подигнат или превенираат проблемот со аерозагадувањето.

34

Чиста животна средина и спречување на аерозагадувањето се обврска на секој поединец, но и на секоја институција, порача министерот за локална самоуправа Златко Перински на денешната надзорна расправа во Собранието на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје”.

Тој нагласи дека иако Министерството за локална самоуправа нема директни ингеренции во областа на аерозагадувањето, сепак активно се вклучува со конкретни активности таму каде што има можност.






– Заштитата на животната средина и природата, како и преземањето на мерки за спречувањето на загадувањето на воздухот се утврдени како надлежности на општините согласно Законот за локална самоуправа. Ова значи дека борбата за чист воздух е заедничка обврска и одговорност на сите нивоа на власт – рече Перински.

Тој се осврна и на Акцискиот план за спроведување на програмата за одржлив локален развој и децентрализација за периодот 2024–2026 година, во кој се предвидени конкретни мерки за справување со аерозагадувањето.

– Во таа насока, Акцискиот план предвидува конкретни мерки за справување со аерозагадувањето, препознавајќи ја сериозноста и влијанието на квалитетот на животот – подвлече Перински и додаде:

„Предвидените мерки опфаќаат подобрување на сообраќајните услови за превозни средства кои не предизвикуваат аерозагадување, зајакната соработка меѓу државата и општините, институционални активности, како унапреден мониторинг, засилен инспекциски надзор и подготовка на локални планови за квалитетен воздух. Спроведувањето на овие мерки бара координиран ангажман од повеќе институции, со што темата добива заслужен приоритет во националните развојни политики“.

Министерот истакна и дека Министерството за локална самоуправа посредно учествува во финансирање на активности во областа на животната средина и дека е потребно постојано предлагање на мерки и решенија коишто ќе го подигнат или превенираат проблемот со аерозагадувањето.

– Министерството за локална самоуправа посредно учествува и во финансирање на активности во областа на животната средина. Една од таквите активности е распределбата на средства остварени по основ на надомест на производство на енергија од фосилни горива, согласно Законот за животна средина, членот 187а. Владата на предлог на министерот за локална самоуправа донесува уредба за методологија за распределба на средствата остварени како приход од надоместокот за производство на енергија од фосилни горива. Собраните средства се користат за финансирање на програми и активности за управување со животната средина во однос на влијанието од енергетскиот сектор и тоа во подрачјата на општините сразмерно на приходот остварен од наплатата на овој надомест – заклучи Перински.

Поврзани содржини