Чистиот „български език“ и валканиот македонски
Aко може да ѝ се верува на мислата на еден знаменит лингвист каков што е А. Меје, тогаш и нема чисти јазици под капата небеска. Дури и светските јазици како англискиот, францускиот, шпанскиот, италијанскиот итн. се мешани јазици исто како и „лингвистичката норма“ што ја зборува „населението на РСМ“.
Пред некој ден, г-ѓа Е. Захариева, министер за надворешни работи во Владата на г. Бојко Борисов, изјави дека македонскиот литературен јазик бил бугарски дијалект измешан со „сърбски думи“ од кој Македонците направиле свој литературен јазик.
Очигледно, веќе добро упатена во тоа што ќе ни пристигне од Загреб (сега претседавач на ЕУ) пообрза, со еден ликувачки и помпезен тон да ги потсети Македонците дека треба да го прифатaт завршниот дел од Изјавата на бугарската влада до Комисијата за проширување на ЕУ, или да се збогуваат со неа, како што рече и нејзиниот шеф бај Бојко.
Таа „проста и строга“ изјава вели: лингвистичката норма што ја зборува населението на Република Северна Македонија треба да се спомене само како службен јазик на Република Северна Македонија; Ниеден документ / позиција / изјава на ЕУ и нејзините институции не може да се толкува како признание за постоење на посебен т.н. македонски јазик.
А зошто не е јазик „лингвистичката норма што ја зборува населението во РСМ“? Затоа што тоа „население“ зборува еден „т.н. македонски јазик.“ Тој не бил ниту „пособен“, ниту јазик. Тој бил само „лингвистичка норма“ за „службен јазик на РСМ“.
За сите кои тешко се снаоѓаат во стилските акробации на мазниот дипломатски јазик (поправо за пошироката и најширока јавност), Е. Захариева појасни дека станувало збор за еден „смесен език“ од чист „къто сълза“ бугарски дијалект, заматен со („мърсни?“) „сърбски думи“ кој „дебелоглавите“ Македонци го викаат македонски литературен јазик.
Да видиме сега како стои работата со т.н. „смесeни“ на една и „чисти езици“ на друга страна. За таа цел ќе се повикам на еден докажан авторитет во модерната лингвистика, „беспорен и за българските учени од БАН“, каков што е, на пример, Антоан Меје. Се повикувам на тој лингвист затоа што е учител на еден од најголемите лингвисти на 20-ти век Емил Бенвенист, кој, пак, е учител по лингвистика на Цветан Тодоров, еден од видните Бугари, чии книги почна да ги преведува (од француски) “съвременна България“ дури по 1984, а потоа го прогласи и за почесен доктор на софискиот Универзитет.
Во 1925 Антоан Меје објави во Осло, Париз, Лондон и Кембриџ (САД) една не претерано дебела книга (116 стр.) под наслов „Споредбената метода во историската лингвистика (La methode comparative en linguistique historique). Во седмата глава од таа книга станува збор за поимот мешани јазици (langue mixste) како што ги вика славниот учител на Бенвенист, „смесени“ како што ги викаат „јазиковедите“ од БАН, или нечисти и валкански („мърсни?“) каков што, ете, бил и македонскиот јазик затоа што имал бугарски корен и стебло, а српски калем според помпезната г-ѓа Е. Захариева.
При овој повод ќе укажам само на тоа што и како пишува А. Меје за еден светски јазик каков што е денес англискиот. А тој пишува: „Фактот што англискиот им го должи на латинскиот и на францускиот половина од својот речник е доволен да го разликува тој јазик од другите германски јазици. Дури и изговорот е засегнат во англискиот јазик затоа што позајмените зборови го зачувале својот акцент, а пак германскотиот акцент на почетокот на збор се повлекол и оттогаш престанал да го чува својот карактер на константа. Се позајмува дури и начин на зборување: германската фигура ‘was für‘ се пренесува во словенската фигура ‘что за‘. Тоа се случува дури и со изразите кои се земаат од два јазика: на латински, грчкото kath-ena (дословно: од еден) било делумно калкирано, а делумно позајмено па така се дошло до cata-uno, cat-uno, од каде и шпанското cadauno, италијанското caduno и француското chaquin“.
Aко може да ѝ се верува на мислата на еден знаменит лингвист каков што е А. Меје, тогаш и нема чисти јазици под капата небеска. Дури и светските јазици како англискиот, францускиот, шпанскиот, италијанскиот итн. се мешани јазици исто како и „лингвистичката норма“ што ја зборува „населението на РСМ“. Ако се следи мислата на Е. Захариева излегува дека само бугарскиот јазик ја зачувал својата исконска, „неподправена“ чистота. Иако, дури и некои учени бугарски „јазиковеди“ зборуваат дека имало околу 3 000 руски збора во бугарскиот речник. Тие навлегле во бугарската „лингвистичка норма“ нешто по 1878 кога „матушка Расија“ ја ослободи Бугарија од „турското иго,“ а нешто по „неразрушимата братская дружба“ на нашиот источен сосед со СССР по Втората светска војна.
Еден таков, „смесен език“ како што е денес англискиот го предлага „един световно известен съотечественик“ за општ јазик на ЕУ,. а не бугарскиот чист и незвалкан кој му е, меѓу другото, и мајчин јазик. Во својата книга „Ново светско безредие“ (Le nouveau désordre mondial, 2003) „съотечественикот“ на Е.Захарива Ц. Тодоров има една глава во која тој зборува како треба да се приспособат европските институции. Во таа глава Тодоров предлага: „да се усвои еден единствен работен јазик;“ „Не станува збор за радикална новост: во средниот век постоеше европска елита благодарение на тоа што можеше да се зборува латински надвор од границите на својата земја;“ „Денес, еден единствен јазик може да ја игра таа улога: јас го викам меѓународен англиски“.
Така значи, тој „апостол на хуманизмот,“ Ц. Тодоров!
Тој предлага еден „смесен език къто англиския“ за „обштоевропейски“, а не еден чист „къто сълза език“ каков што бил и неговиот мајчин, бугарски јазик. Конечно, дали ѝ се познати тие сепак познати работа на г-ѓа Захариева? Секако дека ѝ се познати. А зошто ги игнорира? Зошто се излага на опасност да испадне дури неграмотна не само за некои традиционално „дебелоглави“ Македонци, туку и за многу учени „јазиковеди“ во нејзината родна земја? Најверојатно затоа што нејзиниот порив да омаловажува и понижува е многу посилен од поривот да зборува вистина. Општопозната, меѓу другото.