Чифте амам – Злоупотреба на институционален простор?
Сериозен преседан во управувањето со Националната галерија: јавниот простор злоупотребен за верско-едукативен настан без уметничка или музеолошка содржина.
Во период од 26.01 до 06.02.2026 година, во објектот Чифте амам во Скопје, кој е дел од Националната установа „Национална галерија на Република Македонија“ се реализирал настан што е вон официјалната програмска дејност на институцијата и кој по својата суштина претставувал верско-едукативен, а не уметнички или музеолошки проект. Настанот бил организиран од здружение кое не е дел од системот на јавните културни установи, а содржината е посветена на животот и делото на пророкот Мухамед. Според извори познати на авторот на текстов зад проектот стојат субјекти што се претставуваат како „Музеј на Мухамед (Алејхи селам)“ и некоја фондација AXIS, без јасно претставена институционална рамка релевантна за музејска или галериска дејност.
Првото и најочигледно прашање што се отвора е начинот на комуникација со јавноста, со граѓаните. Од посетителите на настанот добив информација дека на влезот во објектот се соочиле со банер и визуелна комуникација со публиката кој била исклучиво на албански јазик, без јасно, видливо и рамноправно (за мене приоритетно) присуство на македонски јазик во просторот на една национална културна установа. Замислете дома, во Република Македонија без официјалниот јазик
Ова случување во објектот Чифте амам, во рамки на Националната галерија, претставува сериозен преседан во начинот на кој се управува со јавна културна институција од највисок државен ранг. Овде не станува збор за прашање на вера, ниту за ограничување на нечие право на верско изразување. Станува збор за злоупотреба на институционален простор, нарушување на професионалните стандарди и девалвација на улогата на Националната галерија како стручна и музеолошка установа.
Националната галерија не е неутрална сала за настани без концепт и критериуми. Таа има:јасно дефинирана мисија и визија, законски утврдена дејност и професионални стандарди во однос на кураторство, музеологија и јавна комуникација. Доколку еден настан нема уметничка содржина, нема музеолошка обработка. нема јасна институционална и стручна верификација, повеќе е јасно дека не смее да биде легитимиран преку просторот и угледот на Националната галерија.
Дополнително загрижува фактот што јавната комуникација во самиот објект се одвивала без видлива и рамноправна употреба на македонскиит јазик, што отвора сериозни прашања за почитување на законските обврски на една државна институција финансирана од сите нас граѓаните.
Особено проблематична е пто субјект(и) ко(ј)и се претставува(ат) како „Музеј на Мухамед (Алејхи селам)“ и некоја фондација AXIS го употребувааат терминот „музеј“ без: јавно достапна документација, јасна институционална соработка и без стручна музеолошка рамка.
Ова претставува манипулативно создавање привид на институционална и стручна релевантност, што директно го компромитира интегритетот на установата во чиј простор се одвивал настанот.
Одговорноста за ова не е апстрактна. Одговорност мора да постои кај раководството на Националната галерија, кое дозволило ваква содржина да се реализира во нејзин објект. Затоа јавноста има право да добие јасни одговори: по кои критериуми е отстапен просторот? Кој ја одобрил содржината и врз основа на која стручна проценка?. Дали се почитувани законските обврски за јазична достапност? Дали е извршена финансиска компензација и под кои услови?
Ова е прашање на културна политика, институционален интегритет и јавна отчетност. Доколку денес дозволиме јавните музеи и галерии да се претворат во простори за непрограмски, идеолошки или верски несоодветни содржини, утре ќе немаме институции туку само празни објекти со изгубен кредибилитет.
Затоа е потребно јавно, транспарентно и аргументирано објаснување од надлежните. Молкот во ваква ситуација не е неутралност, туку соучесништво во девалвирањето на институцијата. Дополнително, ова прашање не смее да остане само на ниво на формално објаснување. Министерството за култура има обврска да утврди одговорност за дозволувањето на настан што очигледно излегува надвор од дејноста, мисијата и професионалните стандарди на Националната галерија. Не станува збор за пропуст од техничка природа, туку за сериозна институционална одлука со која се девалвира улогата на една од клучните државни културни установи.
Затоа е неопходно: Министерството за култура итно да побара одговорност од директорот на Националната галерија: за отстапувањето на просторот за содржина што не е уметничка ниту музеолошка; за нарушувањето на професионалните стандарди; и за начинот на јавна комуникација во институција финансирана од нас граѓаните.
За вакво сквернавење на институционалниот интегритет не смее да се молчи, особено ако ова не е изолиран случај, туку дел од поширока пракса на несоодветно, неодговорно и кабадахиско управување.
Одговорност мора да се побара од највисоко ниво. Прво, министерот за култура а потоа и претседателот на Владата треба јавно да побараат отчет и одговор од првиот човек на оваа институција.
Доколку некој не знае со каква институција раководи, која е нејзината мисија и кои се нејзините законски и професионални обврски, тогаш единствениот логичен чекор е негова итна смена без оглед на партиската припадност. Културните институции не смеат да бидат партиски плен. Тие се јавен интерес, стручна одговорност и државно достоинство.