Чичко Драган од Кисела Вода сам го чисти дворот околу зградите

Со мали акции сите станари можеме да придонесеме дворот и околината на зградата да биде уште поубава - вели чичко Драган.

656

Пандемијата со коронавирусот и не е толку страшна ако се земе хуманоста кај луѓето која токму во овој период исплива на површина. Едни им пазарат на соседите, други шијат заштитни маски за лекарите, трети прават визири за децата…






Проблем е што ѓубрето се фрла преку балконите и во дворот кајшто играат децата, па се создава депонија.

Драган Дудев Пензионер

Но, има и такви кои се грижат за општото добро во околината каде што живеат. Таков пример е 68-годишниот Драган Дудев од скопската општина Кисела Вода, кој редовно го чисти ѓубрето околу зградата во којашто живее. А процедурата е едноставна и може да ја практикува буквално секој: зема метла во рацете и го чисти дворот околу кулите.

– И јас се зачудив колку отпадоци имало. Имаше тука сè и сешто – кеси, шишиња, дури и од солна киселина, имаше многу пикавци. Се чини како многумина станари воопшто дома да немаат навика да користат пепелници, туку сè фрлаат од балконите и преку прозорците, вели за „Скопско ехо“ чичко Драган.

Ова не било за првпат тој да се фати за метла. Причината за тоа не е фактот што живее во приземјето на кулата па заради тоа тој е „најблиску“ до отпадоците. Главната причина е што тој смета дека станарите сами треба повеќе да се грижат за хигиената околу зградите.

– Проблем е што ѓубрето се фрла преку балконите и во дворот кајшто играат децата, па се создава депонија. Таква глетка на никој од станарите не може да му е убава. А тука сите живееме. Со мали акции сите станари можеме да придонесеме дворот и околината на зградата да биде уште поубава – вели тој.

Кога хигиената не се одржува околу зградите, додава тој, не може ниту да биде подобра на градските улици.

– Во време на опасниот вирус, хигиената е уште поважна – додава чичко Драган, кој е роден мичуринец, а во Расадник живее од 1962 година.

Поврзани содржини