Чија е оваа прчија?

953

Во македонското царство на глупоста изгледа навистина ништо не може да се промени: секоја шушумига овде е стручна и компетентна за сѐ само ако има партиска книшка или е барем блиска до некоја партиска врхушка. Кога ги слушате највисоките претставници на власта како јавно „размислуваат“ за (нај)сериозни теми – менување на имиња на улици, подигање на споменици итн. – просто се прашувате дали навистина оваа држава опстојува само по некоја инерција или е вештачки одржувана во живот од страна на „меѓународната заедница“, за нивни потреби? До кога – никој не знае.

Кога ја читате реакцијата на премиерот за „промоцијата“ на Демачи и знамето со „Голема Албанија“ во Македонија, или аналфабетската ароганција на министерката за одбрана и нејзината опсесија за (незаконско) подигање споменици, не сте докрај сигурни дали е тоа само локален политикантски фолклор или нешто многу, многу подлабоко. И лошо, неуко, некултурно…






Но кај нас сите диригирани лаги и глупости повторени стопати неминовно стануваат вистини што го преплавуваат етерот. Меѓу нив, особено, онаа за нашата „светла иднина“ во ЕУ, за потенцијалните благосостојби што ни ги носи „историскиот миг“ и, се разбира, фондовите што нѐ чекаат како главна награда за нашата понизност. За жал, во оваа минхаузеновска шарада се впуштија и поединци кои ги паметевме поинаку – професионални, стручни, логични… Сега нивните „тези“ и „антитези“ во сѐ наликуваат на расипаните плочи на власта, на нејзините блеферски флоскули и пачворк ветувања.

Меѓу овие лаги и намерно извртени тези искажани околу нашето евроинтегрирање, деновиве повторно оживува онаа лажлива „дилема“  на деценијата, овојпат од перото на онаа новинарка која „срдечно“ им посакува на некои колеги да ги – снема. Е токму таа (се) прашува: „ќе бидеме ли ние европска, демократска, правно заснована и уредена држава или ќе бидеме и натаму прчија на локална мафија на која најмалку што ѝ треба е Македонија да влезе во Европската унија?“ (Слободанка Јовановска, И ние си имаме Радев, Либертас, 10.08.2023).

И ова и вакво „прашање“, иако и порано имало едно чудо многу слични во различни но сепак лажливи форми, е самата есенција на актуелната „Операција Бугари“ и македонскиот евроинтегративен пат. Таа извртена „антитеза“, или лага, како сакате, игнорира сѐ друго околу нас и нашето историско „патешествие“, удира како со чекан по македонската глава која што – очигледно е – мора да се разбуди и опамети инаку црно ѝ се пишува. Впрочем, сето тоа, само со поинаква реторика, две години, секојдневно, го вергла и власта. А сепак, власта е едно, ама „седмата сила“ нели треба(ше) да биде нешто друго?

Но, што е уште поинтересно, таа „антитеза“, или лага, како сакате, искажана на овој начин, очигледно не разбира докрај што сѐ кажува. Прво, јасно и гласно, барем во првиот дел, ни кажува каде и како живееме: ние, имено, сме недемократска, неуредена и криминална држава, прчија на локалната мафијата (sic!). Што, се разбира, ќе го потврди секој нормален кој живее во оваа земја подолго од една година и ќе се согласи со секој збор и интерпункциски знак! Таквата држава одамна е македонска реалност, освен што досега на ниту еден од „прогресивнава“ новинарска фела не му се „испуштила“ таква формулација. Ама така е кога не се мисли што се пишува, нели. Уште помалку некој од актуелните партиски врхушки залегнати во фотелјите од 78%, кои народот ги донесе на власт по нивните ветувања дека тоа ќе го сменат. За година-две! Но еве, тераат веќе шеста година во истата прчија.

Сепак, она што највеќе зачудува во првиот дел од оваа новокомпонирана „теза“ не е констатацијата за недемократската и неуредената држава, туку онаа за прчијата на локалната мафијата. Дотичната се воздржува да ни појасни која, по ѓаволите, е таа локална мафија? И само една ли е, зашто во јавноста обично се говори за повеќе мафии – или барем две – етнички јасно диференцирани. И да, здружени кога ќе затреба, како на пример за фамозните коридори, но во принцип тие работат одделно, секој во својата прчија. Што ќе рече дека ние сме две прчии, не една. Или „тезата“ говори за една локална мафија мислејќи на онаа коалициската – на власта? Веројатно, и логично: не може да има поголема мафија од онаа што е на власт во една недемократска, неуредена и криминална држава! Јасно и гласно.

И веднаш потоа, доаѓа вториот дел со поентата дека на таа локална мафија „ најмалку што ѝ треба е Македонија да влезе во Европската Унија“ (sic)! Целосно контрадикторно, тотално нејасно, крајно небулозно за едно такво „прогресивно“ перо. Зашто, ако власта е таа локална мафија – што е факт бидејќи овде нема друг актер за таа главна улога! – тогаш логично е дека не ѝ треба ЕУ. Зошто би ѝ требала кога овде има сѐ што ѝ треба?

Оттука, вака неверојатно плитко конструираниве „тези“ редовно ја промашуваат целта односно се враќаат како бумеранг повторно во главата на власта. Или на локалната мафија, како сакате. Зашто, таа е мафијата над мафиите, таа е менторот на сите мафии во државава, веројатно и на медиумската. Така барем вели оваа теза. Но, несвесно, повторно кажува и нешто друго: дека една таква локална политикантска мафија никако не може да биде факторот што ќе нѐ одведе во Европа. Прво бидејќи тоа не ѝ одговара, и второ, бидејќи е неспособна за тоа. Зарем со неа на власт ќе станеме „европска, демократска, правно засновата и уредена држава“? Мало сутра!

И сите вакви и слични натегнати клиентелистички „тези“ божем ги забораваат најбитните нешта на македонскиот евроинтегративен пат: оние „општи и посебни“ обврски што Македонија треба да ги исполни според „француската рамка“, намерно ја туркаат „под тепих“ вистината дека источниот сосед, врз основа на шизоиднион меѓудржавен Договор, има право да ни прави што сака со историјата, учебниците, спомениците, дека оваа полуписмена власт всушност и не знае што уште ја чека на тој пат итн.

Сите вакви евроинтегративни равенки како главен чинител ни ја претставуваат катастрофалната ситуација во македонската реалност – провинциска, антидемократска, криминална и коруптивна, неуредена прчија на локалната мафија – која што магично ќе ја снема во мигот кога Македонија, Северна или обична, ќе ги напика Бугарите во Преамбулата на Уставот и ќе ги започне пристапните преговори со ЕУ. Ништо друго не е важно, или поважно, ништо не постои вон од таа равенка и реалност, најмалку Бугарија, „францускиот предлог“, протоколите итн. Не кажува равенката ни која е ниту со каква сила е таа магија што речиси преку ноќ ќе се справи со провинциската, антидемократската, криминалната и коруптивната прчија на локалната мафија. И зошто тоа не го прави и сега, кога целата држава, или тоа што останало од неа, токму таа ЕУ магија секако го врти околу малиот прст? Или и неа ѝ треба токму ваква прчија со токму ваква локална мафија? Не знае „авторката“, или не сака да каже.

П.С.

Дали таа силна магија ќе ѝ помогне и на министерката за одбрана, компулзивно амбицирана да подигне дури три споменици спротивно на закон? Но за тоа во следната прилика.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини