Чија е одговорноста што ковидот ги исфрли од строј кардиолозите од Охрид?
Ниту имаме вакцини, ниту имаме соодветна организација, ниту ги спроведуваме мерките – како народ, ниту, пак, државата ги користи сите инструменти кои ѝ стојат на располагање за да нè принуди на тоа.
Потенцијалната опасност за пренос на заразата, преку ден, од 5 часот наутро до 22 часот навечер, е несразмерно поголема, отколку во периодот за кој се воведе полицискиотчас – од 22 навечер, до 05 сабајле. За да се осознае тоа, не треба да сте ниту лекар, ниту експерт. Тоа е само уште една козметичка мерка, наивно балансирање помегу здравјето и економијата – на штета и на едното и на другото.
Ако потпретседателот на Владата, задолжен за економија, Бетиќи, јасно и гласно вели: здравјето пред сè, односно економијата треба и можат да ја покренат само здрави луге, тогаш не треба повеќе да се губи време во измислување „топла вода”.
Во овој момент, критичен за здравјето на нацијата, нема ништо друго освен прекинување на контактите помегу лугето – ПО СЕКОЈА ЦЕНА И СО СИТЕ ВОЗМОЖНИ СРЕДСТВА. Тоа може да се постигне само со затворање на најзагрозените градови, или области, како што тоа беше на почетокот со Дебар. Зошто тоа позитивно искуство не се искористи?
Затворањето на градовите, или областите, по примерот на Дебар, или градовите во Ломбардија во Италија, море и целата држава, ќе дојде. Како што тоа веќе се случува по Европа, како што утре ќе се случи во Србија – земјата прва во бројот на вакцинираните, но, што фајде од тоа, кога, истата таа, дозволува две вечери по 500 луѓе да врескаат среде Белград во Комбанк арената, на музиката на „Црвена јабука”.
Од „Црвена јабука” директно во црвена зона! Во Белград нема место за сите инфицирани, се пренесуваат во други градови. Кај нив, вакцинацијата, ќе даде резултат, барем после месец-два.
А, тек, ние. А, тек, кај нас!?
Ниту имаме вакцини, ниту имаме соодветна организација, ниту ги спроведуваме мерките – како народ, ниту, пак, државата ги користи сите инструменти кои ѝ стојат на располагање за да нè принуди на тоа.
Државата, можеби, не ни е „и мајка и татко”, како што вели српската премиерка Брнабиќ, ама таа ги има сите инструменти на принуда и секој лојален граѓанин треба да се повинува пред нив. Друго нема.
Што на властите не им беше познато, те дозволија, во Охрид, за Осми март, без никакви ограничувања и проверки, да се слеат цела Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Бугарија…? Охрид, веќе беше на колена, исто како и Скопје, Неготино, Кавадарци, Прилеп…Тогаш што очекуваа властите, ако и пилците знаеја дека во сите земји, рапидно растеше бројот на заболените.
Кој е ќарот, а кој е зијанот? Што на долг рок добивме од двата дена полни хотели, ресторани и кафулиња?
Кој е ќарот, а кој е зијанот, што Центарот за кардиолошки заболувања во Охрид, е претворен, со половината од капацитетот, за Ковид центар! Кој ја донесе таа одлука и што со тоа доби? Зарем до толку дојде ситуацијата – „нож до коска”? Зарем такавиканата – Модуларна не можеше побрзо да се изгради?
И ете го ефектот: половината од високо стручниот персонал, врвните кардиолози, заедно со медицинските сестри и другиот помошен персонал, со тој потег, се исфрлени од строј. Оние што спасија многу животи кои висеа на конец – од Битола, преку Ресен до Охрид и натаму – кон Струга и Дебар, односно Кичево.
Еден регионален центар, од Бога даден за добар дел од Македонија, така лесно е исфрлен од строј. Само еден од постарите интервентни кардфиолози – специјалисти е на нога! Не сакам да наведувам имиња, но меѓу заболените се и оние кои го формираа и го водеа Кардиоолошкиот центар во Струмица. Дали и тој е загрозен.
Пандемијава е војна, пострашна од секоја војна. Во САД починаа над 100.000 лица, повеќе од загинатите во сите нивни војни по Втората светска војна. Бројот на починатите во светот се мери со милиони. Во војна се командува. И се извршуваат командите. Во војна се носат одлуки. Секоја добра – заштедува животи. Секоја лоша, води во смрт многу животи.
Македонија е дел од таа војна, со опасниот, невидлив непријател. Македонија не е сама во таа војна. Командантите само треба да гледаат, каде и кои команди се успешни, а кои се катастрофални. Барем тоа го можат.
Зошто не го чинат?