Четвртиот пакет економски мерки ќе се финансира од државната каса и домашно задолжување

Министерот за финансии Фатмир Бесими информира дека според сегашниот прилив и одлив на парите јавниот долг нема да надмине 60 отсто од БДП до крајот на годината.

928

Финансиите се стабилни и може да се најде решение со добро планирање на четвртиот пакет на мерки за да се ублажи ефектот на кризата во третиот и четвртиот квартал од годинава и земјава да влезе во период на позабрзан економски раст во 2021 година доколку нема нов бран на епидемиолошка криза, изјави денеска  министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој информира дека парите за реализирање на четвртиот пакет економски мерки на владата ќе се обезбедат од сегашниот Буџет најпрво со репрограмирање и дополнително ако треба со домашно задолжување.






— Сега подготвуваме четврти сет мерки и за да најдеме доволно средства за негово финансирање ќе гледаме каде има можност за репрограмирање во постојниот Буџет од проекти за кои знаеме дека нема можност да се реализираат до крајот на годината. Доколку тоа не е доволно за реализација на целиот пакет во Буџетот и во рамките на сегашното планирање има простор за дополнителни задолжувања од 60 милиони евра на домашен пазар што нема да предизвикаат зголемување на буџетскиот дефицит. Но, за тоа јавноста ќе биде информирана откако ќе се дефинира сетот на мерки – рече Бесими.

Бесими рече дека, ако се донесе одлука за ребаланс на буџетот таа ќе биде донесена до крајот на месецот. Но, како што рече,  во рамките на постојниот Буџет со планираните приходи и расходи се предвидува до крајот на годината да нема јавен долг над 60 проценти од БДП.

Како што истакна приходите и расходите се реализираат во рамки на планираното. Заклучно со 15 септември реализација на расходната страна во Буџетот е 68,9 отсто и 65,5 проценти на приходната страна, а реализацијата на капиталните инвестиции е 41,2.

 

 

 

Поврзани содржини