ЧЕТВРТИНА ПОМИНА ОД 21. ВЕК, НИЕ СЀ УШТЕ СМЕ БЕЗ ЈАВНИ ТОАЛЕТИ Светот го одбележува Денот на тоалетите, Македонците уринираат под мостови
Денес, над 4,2 милијарди луѓе во светот немаат пристап до безбедно управувана санитација, а околу 673 милиони сè уште практикуваат отворена дефекација.
Светскиот ден на тоалетите е официјален ден на Обединетите Нации, што се одбележува секоја година на 19 ноември, со цел да се потикне акција за справување со глобалната криза за санитација.
Денес, над 4,2 милијарди луѓе во светот немаат пристап до безбедно управувана санитација, а околу 673 милиони сè уште практикуваат отворена дефекација.
Здруженијата „Новинари за човекови права“ и „Балканска мрежа за вода“ укажуваат дека во македонските градови нема јавни тоалети. Тие повикуваат итно да се изградат јавни тоалети и да се вложува во нивното одржување.
„Двете здруженија 10 години го одбележуваат овој ден со цел подигнување на свеста од итна потреба за јавни тоалети, но, за жал, градските власти немаат слух за оваа тема. Само колку за илустрација: во 2021 година, по повод Светскиот ден на тоалетите, истакнавме дека градовите во Македонија – или немаат јавни тоалети или тие се нефункционални. Дополнително, само 18 отсто од територијата на државата е покриена со канализациска мрежа, што укажува на потребата од подобрување на санитарната инфраструктура“, соопштија „Новинари за човекови права“ и „Балканска мрежа за вода“.
Според извештајотна ОН за Целите за одржлив развој од 2020 година, сериозно е загрозен и попречен напредокот кон Агендата 2030 и кон постигнувањето мир и безбедност, како што истакна и генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш.
Зошто се важни тоалетите?
Здравје: Безбедните санитарни системи спречуваат ширење на опасни болести како што се колера, дијареја, тифус и дизентерија. Во Гватемала, на пример, едукацијата за хигиена ја намали дијарејата и ги подобри условите за децата. Во Турција, по земјотресите во 2023 година, приватни тоалети им овозможија на луѓето во камповите да го зачуваат и достоинството и здравјето.
Безбедност: За жените и девојките безбедните тоалети значат заштита од насилство и други опасности. И во бегалските кампови, како во Северен Киву, ДР Конго итн., безбедни тоалети значат помал ризик од насилство и болести.
Достоинство: Пристапот до тоалет има огромно влијание врз човековото достоинство, особено во кризни и природни катастрофи.