ЧЕТВОРИЦА СРБИ И ЕДЕН БОСАНЕЦ МЕЃУ ПОВРЕДЕНИТЕ ВО КРАН-МОНТАНА Идентификувани се 113 од повредените
Меѓу идентификуваните 113 повредени 71 се швајцарски државјани, 14 се француски државјани, а 11 се италијански државјани, четворица се Срби, едно повредено лице е од Босна, едно од Белгија, едно од Луксембург и по едно од Полска и Португалија.
Швајцарските власти идентификуваа 113 од повредените во смртоносниот пожар што го опустоши барот во швајцарскиот центар Кран-Монтана во новогодишната ноќ, соопшти локалната полиција.
Вкупно се повредени 119 лица, а шестмина од нив сè уште не се идентификувани. Меѓу идентификуваните 113 повредени 71 се швајцарски државјани, 14 се француски државјани, а 11 се италијански државјани, четворица се Срби, едно повредено лице е од Босна, едно од Белгија, едно од Луксембург и по едно од Полска и Португалија, соопшти полицијата.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, кој се наоѓа во Кран-Монтана, изрази надеж дека тројца од сè уште неидентификуваните повредени можеби се Италијанци. Италија соопшти дека шест лица се водат како исчезнати по пожарот, пренесе Анса.
Педесетина од повредените веќе се префрлени на други локации во земјата, а наскоро ќе бидат префрлени и во други европски земји, во специјализирани центри за лекување на луѓе со тешки изгореници, изјави Матијас Рејнард, шеф на владата на швајцарскиот кантон Вале, за време на прес-конференција во Сион.
Полска веќе соопшти дека е подготвена да прими 14 повредени во клиниката во Шемјановице Шлонске, во јужниот дел на земјата, која е специјализирана за лекување на тешко изгорени луѓе.
Екипа од француски воени лекари веќе замина за Швајцарија за да ја оцени состојбата на повредените со цел нивна евакуација во клиники во Франција, кои се ставени во подготвеност за прием на пациенти.
Четворица од повредените се лекуваат во специјализирани клиники во соседна Германија. Еден пациент со хеликоптер е префрлен во „Мариенхоспитал“ во Штутгарт, каде што прима интензивна медицинска нега, пренесе ДПА.
Две тешко повредени лица се донесени во клиниката „БГ“ во Тибинген, лоцирана на околу 30 километри јужно од Штутгарт. Портпаролката на болницата додаде дека установата е подготвена да прими и дополнителни пациенти.
„Мариенхоспитал“ во Штутгарт е центар за жртви со тешки изгореници уште од 1983 година, додека клиниката во Тибинген исто така поседува специјална експертиза за третман на тешки изгореници, наведе портпаролката.
Една жена се лекува во болница во Лудвигсхафен на Рајна, јужно од Франкфурт. Клиниката „БГ“ во Лудвигсхафен понуди да прими до четири лица повредени во пожарот, а се очекува уште еден машки пациент да пристигне подоцна денеска.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска изрази сочувство до швајцарскиот претседател Ги Пармелин, кој ја презеде функцијата токму на Нова година. Штајнмаер изрази шокираност од настаните во Кран-Монтана, велејќи дека неговите мисли се со жртвите и нивните семејства.
– Ја споделуваме тагата и болката во овие тешки часови, напиша тој, посакувајќи им на повредените брзо и целосно закрепнување и изразувајќи искрено сочувство до сите швајцарски граѓани, и во име на сонародниците – рече Штајнмајер.