📷 ЧЕТВОРИЦА ЛЕКАРИ ВБРИЗГУВАЛЕ ФАЛСИФИКУВАНИ ФИЛЕРИ, БОТОКС И ХИЛУРОН Уапсени 14 луѓе, кривични пријави за 19 физички и за 6 правни лица
Јавен обвинител ќе побара притвор за 12 осомничени, а за останатите 5 осомничени ќе предложи соодветни мерки за обезбедување на нивното присуство.
Уапсени се 14 лица, сузбиени се организирани криминални групи за нелегална продажба на лекови и на медицински помагала, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Кривични пријави се поднесени против тројца лекари од болницата „8 Септември“ и против еден од Клиниката за дерматологија за делата Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма. Тие вршеле естетски интервенции со филери, ботокс и хилурон, кои не се регистрирани и немаат дозвола за употреба во Македонија.
„На 23.4.2026 од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал под раководство на јавен обвинител од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, спроведена е полициска акција, при што сузбиени се организирани криминални групи инволвирани во извршување на кривичните дела Злосторничко здружување, Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма и Примање поткуп. Врз основа на претходно обезбедени наредби од Основен кривичен суд, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и во Битола, при што се лишени од слобода 14 лица, дел од нив вработени како доктори на скопските клиники, сопственици на дерматолошки ординации и организатори на транспорт и продажба на илегално внесени стоки со статус на медицински лек и медицинско помагало, без одобрение од надлежен орган, без упатство и налепници“, соопшти полицијата.

При претресите , се додава во соопштението, се пронајдени и се одземени поголемо количество на медицински лекови и помагала – филери, ботокс, хилурон, 39.285 евра, 2.490 швајцарски франци и 26.000 денари, патничко возило марка „порше“, поголема количина на парфеми и декларации за истите, мобилни телефони, тревкаста материја и др.
„Денеска Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против 19 физички лица и 6 правни лица, и тоа: против Н.А. (43), С.К. (46), А.К. (41), М.Ѓ. (47), Ѓ.С. (32), С.М.С. (31) и В.С. (49) за Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, според члеб 285 став 5 од Кривиќниот законик и за Злосторничко здружување, според член 394 од КЗ. Против В.А. (61), Р.Т.Ѓ.(53), која е косопственичка на правно лице од Скопје, Н.К. (42), А.К. (45) и М.И.В. (38), кои се вработени како доктори во ЈЗУ „8 Септември“, Д.Ф. (44) кој е вработен во ЈЗУ „Универзитетска клинка за дерматологија Скопје“, против А.Т. (27), С.Ф. (36), О.Д. (65), С.А. (40) кои се управители на правно лице од Скопје и К.А. (53), кој е управител на правно лице од Битола, се поднесени кривични пријавви за Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, според член 285 став 5, а во врска со член 22, Соизвршителство и Злосторничко здружување“, соопшти полицијата.
Против А.М. (38) е поднесена кривична пријава за Примање поткуп, според член 357, за Злосторничко здружување и за Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, во врска со делото Соизвршителство.

Против пет правни лица од Скопје и едно од Битола е поднесена пријава за Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма.
„Во текот на 2026 година, пријавените Н.А., С.К., А.К. и М.Ѓ. создале злосторничко здружување со подрачје на делување во Скопје и околината, кон кое подоцна се приклучиле В.А., А.М., Р.Т.Ѓ., со користење на правно лице од Скопје, како и пријавените Ѓ.С., С.М.С., В.С. како организатори на злосторничко здружување со подрачје на делување во Скопје и Источна Македонија, кон кое подоцна се приклучиле пријавените Н.К., А.К., Д.Ф., М.И.В., А.Т., С.Ф., К.А., О.Д., со користење на правни лица од Битола и од Скопје. Со намера да се стекнат со противправна имотна корист од големи размери набавиле фалсификувани медицински лекови и медицински помагала (ботокс) од Србија, Кореа и од Турција. Овие медицински лекови и помагала биле внесени на нелегален начин на територијата на Македонија, со намера истите да ги складираат, дистрибуираат и да ги продаваат, помогнати од членовите на злосторничкото здружување, во поголемиот дел доктори по професија, и да ги употребат, односно, да ги аплицираат на трети лица“, се вели во соопштението.

Пријавените, се додава, иако биле свесни и знаеле дека набавената стока претставува лек и медицинско помагало согласно Законот за лекови и не била увезена согласно пропишаните правила, како и дека за истата не било издадено упатство и декларација со одобрение од МАЛМЕД, вршеле естетски корекции, со што предизвикале општа опасност по животот и здравјето на луѓето.
„Пријавениот А.М., во својство на царински службеник, со намера да оствари за себе противправна имотна корист и да им помогне на пријавените организатори, примил поткуп во два наврати за да изврши службено дејствије кое не би смеел да го изврши, односно овозможил влез на нелегалната стока без да биде извршена царинска контрола на пристигнатите две кутии со лекови“, соопшти полицијата.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека како резултат на повеќемесечна, темелна предистражна постапка Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал реализираше координирана и обемна акција за разбивање на организирана криминална група.

„Истрагата опфаќа и блиски сродници на дел од осомничените, кои иако знаеле за нелегалните активности, активно учествувале во преземање, складирање и чување на нелегалните лекови и медицински помагала во своите живеалишта“, соопшти ОЈО ГОКК.
Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности и тежината на кривичните дела, утврди дека се исполнети законските основи за определување мерка притвор за 12 осомничени и во текот на денешниот ден до Судијата на претходна постапка ќе биде доставен предлог за нејзино определување. За останатите 5 осомничени ќе бидат предложени соодветни мерки за обезбедување на нивното присуство.
