ЧЕТВОРИЦА ДИЛЕРИ ПАДНАА ВО ВАЛАНДОВСКО Марихуана и хашиш патувале од угостителски објект до лозја и штала

Три лица, според собраните докази во истрагата на ОЈО Гевгелија, меѓусебно препродавале марихуана во непосредна близина на лозови насади во Јосифово. На 21 јануари едниот осомничен продал 679,97 грама марихуана. Купувачот дрогата не ја однел веднаш понатаму, туку неовластено ја чувал скриена во штала.

0

Обвинител од Јавното обвинителство Гевгелија предложи мерка притвор за четири лица oд Валандовско кои се осомничени дека тргувале со марихуана и со хашиш.

Во еден угостителски објект во валандовското село Јосифово, под работна иноксна маса, со месеци тивко стоела пластична кофа со капак. Внатре немало храна ниту алат, туку наркотична дрога, внимателно спакувана и подготвена за продажба.






Според истрагата на Јавното обвинителство, осомничениот во периодот од октомври 2025 година до 23 јануари 2026 година неовластено држел 121,40 грама марихуана, 751,99 грама хашиш и 37,44 грама мешавина од хашиш и од марихуана. Дрогата била ставена во најлонски и во книжни омоти, скриени токму под масата каде секојдневно се работело во објектот.

Кога полициските службеници влегле во просторот, покрај кофата пронашле и пластична вага со траги од наркотична дрога, што дополнително укажало дека дрогата не била за лична употреба, туку за натамошна продажба, соопшто ОЈО Гевгелија.

Истрагата не застанала тука. Во истиот предмет биле опфатени уште три лица, кои, според собраните докази, меѓусебно препродавале марихуана во непосредна близина на лозови насади во Јосифово.

На 21 јануари едниот осомничен продал 679,97 грама марихуана на второ лице. Купувачот дрогата не ја однел веднаш понатаму, туку неовластено ја чувал скриена во штала, соопшти ОЈО. Следниот ден, марихуаната била пренесена во селото Пирава, кај трето лице. Неговата задача била да ја препакува дрогата и да посредува во нејзина продажба до крајни корисници, зависници.

При претресите, полициските службеници ја пронашле таа марихуана, но и дополнителни 65,13 грама марихуана, 110 семки кои потекнуваат од растението канабис и уште една вага со остатоци од наркотична дрога.

Поврзани содржини