Четири затворски казни и една условна за обвинетите кои издавале пасоши на криминалци
За да прибават имотна корист, како што се наведува во пресудата, обвинетите, издавале документи со туѓ идентитет на лица со дебелео криминално досие и барани со меѓународни потерници.
Петтемина обвинети во случајот „Двојник” кои на почетокот на денешното судење признаа вина, добија затворски казни. Дел од нив добија и забрана за извршување на професијата во следните 10 години.
Посредникот, Раиф Мифтари, кој беше во бегство, но се предал минатата недела, доби казна од 2 години и три месеци.
Останатите четворица обвинети, кои се вработени во МВР, исто така добија казни над две години, а еден условна. Поточно, Денис Баруфи е осуден на две години и седум месеци, Ален Личина на две години и три месеци, Ѓорѓе Велков на две години и Фарук Биља доби шестмесечна условна казна.
Обвинетите се гонат за кривичното дело 353 став 1, за кое е запретена највисока казна од три години.
Според судот, сторителите како овластени лица во МВР биле должни да влеваат доверба во системот, а не да го прекршуваат.
За да прибават имотна корист, како што се наведува во пресудата, обвинетите, издавале документи со туѓ идентитет на лица со дебелео криминално досие и барани со меѓународни потерници. Со ова, како што истакна судот, обвинетите им овозможиле, слободно да ги минуваат границите, а ја нарушиле националната безбедност на државата и националната безбедност на другите држави.
Судењето ќе продолжи во петок за обвинетите кои негираа вина.