ЧЕТИРИ ПРИОРИТЕТИ ЗА ДРЖАВНАТА БЕЗБЕДНОСТ Стратегијата Македонија 2030 ќе ја замени импровизацијата со институционална зрелост
Првиот стожер на стратегијата Македонија 2030 е државната безбедност, која во време на сериозни геополитички промени, сајбер-напади и хибридни закани станува основа за секоја друга државна политика, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ како државотворна и одговорна партија, носител на државноста низ изминатите години, уште еднаш ја потврди својата посветеност за развој на Македонија – на последниот партиски конгрес, покрај политичките и партиските одлуки, донесе и важен државнички документ, „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“, кој претставува визија за модерна, стабилна и европски ориентирана Македонија, соопшти партијата.
„Оваа Стратегија на долг рок поставува јасен правец и систем на управување, што ќе ја замени импровизацијата со институционална зрелост, со крајна цел, држава што создава економска моќ, стабилност и самодоверба. Првиот стожер на стратегијата Македонија 2030 е државната безбедност, која во време на сериозни геополитички промени, сајбер-напади и хибридни закани станува основа за секоја друга државна политика. Со овој стожер, Македонија го отвора новото поглавје на државноста што ја градиме заедно, чија стратегија за државната безбедност и стабилност се темели на четири приоритети“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Првиот приоритет, се додава, е модерна Армија со реални НАТО стандарди, со технолошко унапредување, современи системи на командување и развој на сајбер-одбранбени единици – Армија што навистина го штити државниот интерес.
„Сајбер просторот е новото боиште на современиот свет, затоа сајбер-безбедноста е вториот приоритет на овој прв стожер од Стратегијата. За поголема сајбер-безбедност на Македонија е потребен национален центар за дигитална отпорност, јасни протоколи и стандарди што ќе ги штитат институциите, банките и критичната инфраструктура“, се вели во соопштението.
Одбрана од хибридни закани и дезинформации е третиот приоритет, се додава во соопштението.
„За тоа создаваме државен механизам за анализа, брза реакција и заштита на демократските процеси, без нарушување на слободата на говор, но со заштита на вистината. Четвртиот приоритет е модерен систем за управување со кризи, кој опфаќа централен команден столб, автоматизирани процедури и регионална координација за брза, професионална и предвидлива реакција. Само модерна држава која е отпорна и институционално заштитена може да обезбеди развој и стабилност. Затоа безбедноста е темелот на државата и само стабилна и заштитена Македонија може да биде економски силна, институционално зрела и политички самоуверена“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.