На премиерот Димитар Ковачевски, на министерот за надворешни работи Бујар Османи, на претседателот Стево Пендаровски, на членовите на Владата, на пратениците во Собранието и на политичките водства во Македонија, им го честитам почетокот на една нова, голема битка за реформирање на нашата земја и за зачувување на нејзиниот идентитет и самобитност.
Ќе бев многу посреќен да можев мојата честитка по повод денешната меѓувладина конференција да ја срочам поинаку. На пример, да посакам среќен почеток и успех на преговорите со Европската Унија.
За жал, не можам. Бидејќи тоа би било лага.
Денеска Македонија ја подотвори портата на ЕУ, но преговорите за членство ќе почнат – ако почнат – дури по втората меѓувладина конференција, откако оваа или некоја друга влада ќе принесат нови жртви на жртвеникот на софиските негаторски политики кон Македонија.
Така е договорено, за жал. Јас сум убеден дека можело и поинаку, но тие велат дека грешам.
Денеска премиерот Димитар Ковачевски во Брисел зборуваше на македонски јазик, но сите треба да сме свесни дека битката за официјализирање на нашиот јазик во ЕУ не само што не е завршена, туку допрва претстои. И воопшто нема да биде лесна.
Имав и имам целосно разбирање за желбите на Ковачевски, на Османи и на Пендаровски да остварат што побрз напредок на Македонија кон ЕУ и да прокнижат еден историски успех во нивните кариери. Имав разбирање за тие желби, затоа што нивниот успех би значел и успех за Македонија, за сите нас и за мене лично.
Можеби некој заборавил, но јас не заборавам дека по неуспехот на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, заедно со Милчин и со група наши пријатели, крстаревме по Македонија во една самозададена мисија за убедување на народот во вредностите на Европа обединета во НАТО и во ЕУ. Некои од нас успеаја таа кауза да ја преточат во кариера, но за мене таа Европа за која агитиравме тогаш беше и остана само сон, апстракција, систем на вредности кон кои треба да се стреми нашето општество.
Никому не му го одземам правото да се приклони кон тие вредности и кон таа кауза. Без оглед на мотивите, кои неретко умеат да бидат и нечесни, се разбира. Кога гледам кој сè денес станал „европеец“ и кој сè гони некакво „руско влијание“ во Македонија, ми се крева ова малку коса што ми остана на главата… Но, како и да е, на искрената борба за Македонија во Европската Унија не смее да се гледа како на предавство на македонските национални интереси. Дури и кога во таа борба, како и во секоја друга, се греши.
Затоа контроверзните изјави, потези и одлуки на Ковачевски, на Османи и на Пендаровски ги критикував конструктивно и внимателно, без намера било кого да обвинувам за предавство или за зли намери. Сè уште верувам дека и тие тројцата, како и поголемиот дел од луѓето во нашите политички водства, во власта и во опозицијата подеднакво, се водат од добрата мисла за Македонија. Дури и кога мислата го надминува нивниот опит.
За жал, моето разбирање за мотивите на луѓето што ја прифатија крајно спорната Преговарачка рамка, уценета со софиските барања, го надмина нужното ниво на толеранција за критиките на овој документ – за конструктивните критики, но и за емотивните критики. И за овие вториве исто така требаше да се има поголемо разбирање. Кога на луѓето им се негира идентитетот, кога им се навредуваат предците, кога им се повредуваат патриотските чувства, тие имаат право да бидат и емотивни, лути и гневни.
Но ете, се трудам да ја сфатам и таа нетолеранција и дрскост. Па си велам, добро, можеби треба да ги разбереме и тие што не ги разбираат чувствата на повредените и на навредените. Можеби тие луѓе имаат право да веруваат дека една посреќна Македонија ќе се роди само откако оваа нашава ќе умре. Можеби една славна историја ќе се роди откако оваа за која ние знаеме ќе се предаде на закоп во софиските архиви…
Јас мислам дека тој дискурс е погубен за Македонија. Тој е лудост. Чин на историска неодговорност, авантуризам и егзибиционизам. Но ете, постои таа улавост и ја толерирам.
Она што не можам да го разберам, уште помалку да го толерирам, е намерата да се скрие вистината дека Бугарија сепак успеа во Преговарачката рамка да го наметне својот негаторски однос кон Македонија. И нема да ги толерирам обидите да се пренебрегне историската обврска на оваа генерација политичари и влијателни личности од сите области посветено и одлучно да се спротивстават на сите обиди за оспорување на етногенезата и на самобитноста на македонската нација и на македонскиот јазик.
Затоа и на нашите политички прваци денеска не им честитам победа. Ниту ги обвинувам за пораз. Им честитам, ама баш на сите, вклучувајќи се тука и себеси, почеток на една голема, тешка битка за Македонија.
И на сите им посакувам, наместо со безразложно славје, или со протести битката да ја почнат со итна мобилизација на сите човечки капацитети, заради обединување на поделената земја околу заедничката цел – Македонија во европското семејство, ама само со гордо крената глава, а не со понижувачки лузни на лицето.
Оваа битка за Македонија можеме да ја добиеме само обединети. Никако поинаку. Знам дека ова ви звучи онака паролашки, но јас друга шанса за победа не гледам.