Честитам, друже Зоки Амбарче!
Секогаш сум мислел дека триумфализмот, реваншизмот и политичкото профитерство се имено лузерски политички и човечки концепт. Сега, кога читам за тоа чиј амбар бил полн, а чиј празен, гледам дека периодот на реваншизам и ренесанса сѐ уште не е завршен.
Утринава најдов троа време да се ослободам од корона-опсесијата и решив на Фликр да разгледувам стари фотографии од Ванчо Џамбаски, снимени во деновите кога покојниот Роберто Беличанец, Владе Милчин, Никола Гелевски, Жарко Трајаноски, Мерсел Биљали и јас, неформалната група Граѓани за европска Македонија, крстаревме низ земјата и проповедавме европски вредности. Владе, кој сега е заглавен во Лима и го чекаме некако да се врати дома, беше нашиот гуру. Иако, верно е, умеевме и сите ние меѓу себе да полемизираме, пред зачудените посетители на нашите трибини.
Не беше тоа баш на почетокот на онаа „долга и тешка сезона на сеидба“ за која пишува колегата Сашо Ордановски во својата последна колумна. Историјата ни кажува дека „сеидбата“ почна многу порано, во почетокот на деведесеттите години (па и пред тоа), кога Македонија ги изрази своите први евроапсирации. Првата жетва беше во 2005 година, кога станавме земја кандидат за членство во Европската унија. Но, нашиот марш низ градовите се случи во едно многу тешко и деликатно време, кога власта го отфрли компромисот со Грците, кога на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година добивме вето и кога Никола Груевски се зацврсти на кормилото, нижејќи изборни победи една по друга. А ние одевме од град до град и ломотевме против него.
„Македонија ги изгуби основните демократски вредности. Слободата не постои, таа е заменета со цензура и со самоцензура. Наместо култ кон Уставот и кон уставните принципи, во Македонија се гради култ на личноста. Мегаломанијата на актуелната власт го гази македонскиот дух и ги затвора сите врати кон Европа и кон иднината“, пишува во еден извештај за тоа што сме зборувале на трибина одржана во Велес.
Да, така беше. Се сеќавам, за многу нешта зборувавме на тие средби со граѓаните. И за тоа дека промената на името нема да значи промена на македонскиот идентитет (мојата омилена теза), за манипулациите на власта, за корупцијата, за сиромаштијата, за изгубената европска перспектива… Само за едно не се сеќавам да сме зборувале – за тоа кој ќе жнее кога еден ден ќе се оствари сонот на генерации европски определени Македонци и чиј амбар ќе се наполни.
А сега, читам, „се претерал родот во амбарот на Заев“! Така барем вели колегата Ордановски. Мајката… Па добро, ако е така, што друго ми преостанува освен да му честитам на другарот Заев за полниот амбар?
Ај ние на трибините – а Гошев, Глигоров, Црвенковски и другите?
Честитки, друже Зоки Амбарче! И не ми се лути за ова, оти знам дека ти не ги пишуваш и не ги нарачуваш колумните што те глорифицираат (така си ми рекол и јас ти верувам), но и ти знаеш дека уживаш во нив. Не ми се лути и на прекарот што ти го наденав. Тоа е прекар на еден многу голем јунак, Тетоец, партизан, политички комесар и народен херој – Ѓоце Стојчевски Амбарче. Честиткава ти е од мене, а народот, да сме живи и здрави, ќе ти честита на следните избори. Откако ќе заврши ова со коронава…
Да се вратам на онаа наша турнеја низ Македонија. Јас не се сеќавам на тие наши трибини некој од нас да зборувал дека еден ден, откако ќе се оствари нашиот сон, ќе се поделиме на „семе“ и „какол“. Тогаш не ни помислував дека доблесното признавање на туѓите заслуги, на заслугите на генерации македонски политичари и општественици да стасаме до посакуваната цел, еден ден ќе се смета за „политичка флоскула“. И дека, како што заклучува Ордановски, „ова историско достигнување си има неколку имиња и презимиња кои го изнесоа товарот на свои плеќи и на свој ризик“ и дека „тој тим си има свој капитен и неколку голгетери кои ќе си останат запишани во македонската историја“.
Извини, друже Зоки Амбарче, јас во она време не те познавав лично и тогаш не сум можел да знам дека ти ќе бидеш „капитенот“, а ние, „повеќето други“, како што не нарекува Ордановски, само сме навивале од трибините (во текстот на колегата се мисли на спортски трибини, како метафора). Еве и да било така за нас, да сме биле ние навистина само навивачи на трибините, а ти капитенот, па и да ги оставиме на страна и твоите политички противници (во еден друг актуелен коментар означени како „лузери“), смеам ли да прашам што се во овој кастинг и во ова мерење на заслугите, Петар Гошев, Киро Глигоров и Бранко Црвенковски, не пример? Каде е онаа плејада поранешни министри, интелектуалци и општественици, кои зборувале и биеле своја битка за европеизација на Македонија, во годините кога ти, како млад човек, сѐ уште немаш јасна политичка свест и визија, или, да ја употребам метафората на Ордановски, сѐ уште не си ни на трибините, а ниту блиску до нив?
Не се сеќавам било кој од нас од ГЕМ, во она време, кога целта ни се чинеше далечна и речиси недостижна – така и излезе, од таа наша мала авантура поминаа десеттина години – да размислувал за заслуги или за полнење на амбарите. Никој за тоа не беше спомнал ни збор. А се трудеа груевци да најдат скриени пари или скриени политички амбиции, та кога веќе не можеа да ги најдат бидејќи такви нешта немаше, почнаа да измислуваат лаги кои брзо се распрснаа како меури од сапуница.
Реваншизам и ренесанса
И навистина тогаш не помислував дека еден ден, кога ќе се оствари нашиот сон, првата работа на која ќе се нафатиме ќе биде остра пресметка со некакви „моќни и бескуполозни сили, кои сакаат да ја одвратат земјата од нејзиниот напредок“, како што пишува во една друга колумна на оваа тема. Јас не ни помислував дека оние другите, кои во тоа време нѐ критикуваа, нѐ жигосуваа, а во Струга се обидоа и да нѐ претепаат, во мигот на „жетвата“ ќе ги нарекуваме „лузери“, „т’пи но упорни“ и со слични погрдни називи, или дека ќе им се закануваме со „народот“ и со нова изборна победа, како што некои сега некои им се закануваат. Напротив, се сеќавам дека на трибините говоревме и за потребата да се стави крај на поделбите на нацијата, што само по себе подразбира да нема „добитници“ и „губитници“, како и полни и празни амбари.
Не знам за требе, друже Амбарче, ама мене ме вџашува оваа реторика!
Тогаш ние не знаевме дека сме прислушувани. Само се сомневавме. А и не ни беше гајле. Во она време, сите тоа го сметавме за нешто очекувано и нормално дури, па си правевме и шеги. Јас мислев дека еден ден, кога ќе се вратиме на магистралата што води кон Европа, ние сите заедно ќе оздравиме од тоа лудило и веќе нема да говориме отруени од омраза кон тие што размислуваат поинаку од нас и жедни за полнење на амбарите. Не очекував на луѓето од тогашниот режим, кои навистина многу нѐ оштетија и нѐ задолжија, еден ден ние да им се ситиме, а уште помалку да ги обвинуваме на сличен начин како што тие нѐ обвинуваа нас – за „шпионско-медиумски операции“ и за „подземно поткопување на довербата на луѓето во институциите и во европската иднина“, како што прочитав во една трета колумна.
Накусо, секогаш сум мислел дека триумфализмот, реваншизмот и политичкото профитерство се имено лузерски политички и човечки концепт. Иако, да бидам до крај искрен, во годините кога ни беше најтешко, онака на шега, на пријателите им велев дека после режимот ќе настапи период на „реваншизам и ренесанса“. Да, еве, по кратко гуглање, пронајдов дека такво нешто и сум напишал во „Фокус“: „Еден ден, кога ќе дојде до промена на власта и кога ќе настапи период на реваншизам и ренесанса, наместо тепачки и други недемократски методи за справување со оваа интелектуална клоака на ДПМНЕ, на секој ваков искомпромитиран шупак ќе му се понуди опција да си го покрие со по една влошка и да си прди во неа. Веќе осмислувам и рекламна кампања – Осмели се, прдни слободно!”.
Ете, до таму во она време стасала мојата желба за одмазда. Ако тоа што сум го напишал воопшто и може да се нарече така. Но, допуштам, во миговите кога се наложила нужноста да проработи инстинктот за самоодбрана, да сум кажал и потешки думи. Како во оние мигови, на пример, кога ги опоменав сите насилници што ми се закануваа дека ќе ми тропнат на вратата од мојот дом, дека ги чекам со полна „кратка деветка“. Заканите беа многу реални, како што беше реален и мојот одговор.
Но, да се заговара ваков триумфализам и реваншизам сега, после големата политичка промена, во време кога сите општествени сили треба да се насочат кон реформите кои се нужни и кои се неизбежен дел од преговарачкиот процес, а особено во време кога пандемијата речиси целосно го окупира нашето внимание, навистина е нешто што јас не можам да го разберам. Секако, во последните три години, на моја огромна жалост, научив дека и сега сѐ и сешто треба да очекувам. Сфатив дека сум бил по малку луд и многу наивен кога сум верувал дека таа наша битка е рицарска и дека на крајот победникот јуначки ќе објави дека нема победени и поразени, дека нацијата ќе се обедини во напорите кои допрва нѐ очекуваат, а не околу желбата уште повеќе да се наполни нечиј амбар, од пуст страв да не излезе на крајот дека тој и не бил толку полн колку што некому му се чинело.
Нашите вистински капитени
Ги гледам оние фотографии и размислувам за тоа кој е, всушност, вистинскиот „херој на нашето време“? Не на ова време денешно – денес вие решавате кои се „хероите“, вие делите медали, тоа го разбирам. Прашањето ми е кој е вистинскиот херој на она време, кога беше тешко? Го гледам својот лик, моите гримаси, моите емоции што ги доловило острото око на Џамбаски. Истиот сум и сега. Можеби помалку насмеан. Или малку меланхоличен. Единствената суштинска промена што ме загрижува е значително помалиот број влакна на мојата глава. И колку и да сум суетен и да се трудам, не можам во сопствениот лик да видам некаков хероизам. Само желба да се каже дека нештата мора да се променат. Ништо повеќе од тоа.
А фотките на Џамбаски се толку импресивни, што секој неутрален посматрач, секој добронамерен човек, дури и тој што прв пат ги гледа, веднаш ќе ги забележи вистинските јунаци, вистинските херои на она време – тоа се стотиците луѓе кои доаѓаа на нашите трибини за да дебатираат, под ризикот нивното дружење со нас да им донесе непријатности и нови проблеми во животот, во време кога ионака ги имаа премногу.
Тие луѓе беа нашите капитени, друже Амбарче!
Нивните амбари тогаш беа празни. И натаму веројатно се празни (добро, можеби не баш сите), но нивните срца се полни. Не со жито без какол, бидејќи такво нема, не со пизма и со желба за реванш, туку со нови надежи дека новиот исчекор во ЕУ еден ден ќе ни донесе меѓусебно почитување и единство на нацијата. А околностите во моментов, за жал, се такви, ептен вонредни, што спласнатиот ентузијазам треба да се разбере и како нешто нормално.
И затоа, како и да завртиш, друже мој, мене твојот амбар ама ич не ми изгледа импресивно. Па баш денеска ли, кога избројавме 29 нови заразени од коронавирусот? А сетики си мислам дека и ти некако вака се чувствуваш, друже Амбарче, баш како јас. Или грешам?