„ЧЕСНОСТА ВО КАМПАЊАТА Е ПОБЕДА НА СИТЕ ГРАЃАНИ“ Гаши ги предупреди кандидатите пред локалните избори

Претседателот на Собранието апелира до кандидати, партии и граѓани за почитување на демократските принципи пред локалните избори на 19 октомври.

26

Во пресрет на почетокот на кампањата за локалните избори на 19 октомври, претседателот на Собранието, Африм Гаши, повика на висок степен на политичка и граѓанска култура. Во својата изјава, Гаши истакна дека изборите не се само формалност, туку основно право на граѓаните и клучен инструмент за избор на раководители со интегритет и визија за јавниот интерес.

– Изборите не се институционална формалност. Тие се основно право и реален инструмент за граѓаните да изберат раководители со интегритет, визија и посветеност кон јавниот интерес. Свесен за обединувачката должност што ја имам, чувствувам обврска да упатам јасен повик до сите политички субјекти, кандидати и организациски структури, институциите и медиумите, активистите и граѓаните: да покажат висок степен на политичка и граѓанска култура. Да се воздржат од секоја форма на притисок, користење на говор на омраза, поларизирачка пропаганда и злоупотреба на јавните ресурси – истакна Гаши.






Тој потенцира дека Собранието веќе ја потврдило сплотеноста преку Заедничката декларација за фер и демократски избори.

– Почитувањето на оваа Декларација е морална и политичка обврска за секој учесник во кампањата. Политичката трка треба да се одвива во духот на една здрава демократија, да биде трка на идеи и програми – без инциденти, без заплашувања, без навреди или омаловажувања – додаде Гаши.

Претседателот нагласи дека граѓаните заслужуваат почит, а демократијата бара одговорност.

– Демократијата не се мери со победата на еден поединец или партија, туку со достоинството на изборната трка. Затоа, со доверба очекувам овој изборен процес да биде сведоштво за нашата демократска зрелост и одраз на нашите европски аспирации – рече Гаши.

На крајот, претседателот на Собранието им посака успех на сите кандидати и партии во кампањата, нагласувајќи: „Кога чесноста ја води трката, резултатот е победа за целото општество“.

Поврзани содржини