ЧЕШКОТО ИСКУСТВО ЌЕ ПОМОГНЕ ВО ЕНЕРГЕТСКАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА Средба на министерката Божиновска со чешкиот вицепремиер Мацинка

Во разговорот посебно внимание беше посветено на можностите за чешки инвестиции и поголемо присуство на чешки компании во Македонија, како и на размената на експертиза и технологии во области од стратешко значење, соопшти Министерството за енергетика.

13

Енергетиката, инвестициите и примената на современи технологии беа во фокусот на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка, кој престојува во официјална посета на Македонија.

На средбата беше потврдена одличната и континуирана соработка меѓу Македонија и Чешката Република, со заедничка оценка дека постои значителен простор за нејзино натамошно продлабочување, особено во енергетскиот сектор, соопшти Министерството за енергетика.






Во разговорот посебно внимание беше посветено на можностите за чешки инвестиции и поголемо присуство на чешки компании во Македонија, како и на размената на експертиза и технологии во области од стратешко значење – енергетска инфраструктура, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност и модернизација на енергетските системи.

– Чешка е наш докажан и значаен партнер. Имаме одлична соработка и воспоставени канали на комуникација, а сега целта е да направиме уште еден чекор напред – од размена на искуства кон конкретни проекти, инвестиции и технолошки партнерства. Македонија има голем потенцијал, а чешкото знаење и искуство можат да бидат значаен придонес во нашата енергетска трансформација – истакна министерката Божиновска.

Божиновска го потенцираше и значењето на директното институционално поврзување и економската дипломатија за отворање нови можности за македонските компании и привлекување инвеститори од Чешка.

Соработката меѓу двете земји во економијата и енергетиката веќе има конкретна основа. Во март 2025 година, министерката Божиновска беше копретседавач на Третиот состанок на Мешовитиот комитет за билатерална економска соработка меѓу Македонија и Чешката Република, каде што беа разгледани можностите за унапредување на економската соработка, трговската размена и реализација на проекти од заемен интерес.
Во рамки на оваа соработка, македонската страна во изминатиот период оствари и директни контакти со релевантни чешки енергетски институции и компании, со цел размена на искуства и создавање услови за конкретни партнерства.

На средбата беше заклучено дека енергетската транзиција, сигурноста на снабдувањето и модернизацијата на инфраструктурата се области во кои двете земји имаат заеднички интерес, а постои потенцијал за продлабочување на соработката преку конкретни проекти и вклучување на бизнис-заедниците.

„Средбата Божиновска – Мацинка е потврда дека традиционално добрите политички односи меѓу Македонија и Чешка се претвораат во сè посилна економска и енергетска соработка, со фокус на инвестиции, технологии и конкретни резултати“, соопшти Министерството за енергетика.

Поврзани содржини