Професорот по историја Тодор Чепреганов вечерва беше гостин во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 каде зборуваше за историски факти што ги оспоруваат политичари од соседна Бугарија.
– Јас сум Македонец и имам колективна меморија што ме разликува од другите, посебно Бугарите. Ние со Бугарите немаме заедничка колективна меморија и затоа не може нивното барање за заедничка историја да помине. Секој народ има своја колективна меморија и врз база на тоа ја прави својата историја – изјави Чепреганов.
Тој вели дека она што Захариева зборува дека нема идентитетски проблем, тој би сакал таа да каже дека македонскиот народ постои цело време низ историјата, а не од 1945 година или, како што велат, од 1990 со формирањето на независна Македонија, а дека Македонците се форма на Тито.
– Сега се наговестува дека политиката ќе биде таа која ќе ургира и ќе го има главниот збор, а комисиите само да именуваат. Моја претпоставка ќе биде дека Гоце Делчев и сите револуционери ќе ги направат и малку Бугари и малку Македонци, затоа што како што велат политичарите мора да се најде решение. Но, политичко решение никогаш не е историско решение. Тоа е политичко, со краток век на траење – вели Чепреганов.
Тој нагласи дека тие учебници кои ќе бидат публикувани на тој начин, ќе бидат фризирани и уште поголемо зло од тоа што го направиле комунистите.
– Кога потпишувате договор треба да барате и да заштите нешто свое. Двата потпишани договори се тотално асиметрични и на штета на Македонија – истакна Чепреганов.