ЧЕЛНИЦИ ОД ПРЕТХОДНАТА ВЛАСТ СЕ РАСФРЛАЛЕ СО ВЕТУВАЊА ЗА КОИ БРИСЕЛ ЗНАЕЛ ДЕКА НЕ МОЖАТ ДА ГИ ИСПОЛНАТ Ни самата ЕУ не верувала дека Македонија ќе го прифати францускиот предлог

На мое големо изненадување, високи претставници ми рекоа дека поранешниот министер за надворешни работи и еден поранешен вицепремиер ги убедувале претставниците на Брисел дека владата ја има потребната поддршка за двотретинско мнозинство за да ги изгласа промените., вели изворот во врска со францускиот предлог за уставни измени и преговарачката рамка за Македонија.

705

Поранешниот министер за надворешни работи и еден поранешен вицепремиер во 2022 година повеќепати убедувале високи функционери на Европската Унија дека Македонија има капацитет да ги спроведе уставните измени онака како што беа пропишани во францускиот предлог и Преговарачката рамка, брифираат извори од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

– Ниту во самата ЕУ не верувале дека тогашната македонска влада ќе го прифати предлогот, така како што е срочен, бидејќи се верувало дека Македонија не може да го испорача зацртаното. На мое големо изненадување, високи претставници ми рекоа дека поранешниот министер за надворешни работи и еден поранешен вицепремиер ги убедувале претставниците на Брисел дека владата ја има потребната поддршка за двотретинско мнозинство за да ги изгласа промените. А, кога тоа повеќепати ви го кажува министер или вицепремиер на држава и самите ќе поверувате – објаснува изворот од МНР.






Тој вели дека македонската влада ќе биде спремна целосно да застане зад отпочнувањето на уставните измени кога ќе биде јасно и гарантирано од партнерите на земјата дека тоа ќе биде последната билетарална пречка за нашиот пат кон ЕУ.

– Терминот „нема гаранција“ за нас не е опција. Владата работи со партнерите на градење јасна траекторија за евроинтеграциите. САД, но и ЕУ имаат исклучително разбирање за позицијата за ситуацијата во која се наоѓа Македонија. А, ако има разбирање има и поддршка – додаваат од МНР.

Изворот вели дека Македонија уште не е во ситуација да биде сигурна дека нема да има билатерализација на процесот по евентуалните уставни измени.

– Ги видовте последните изјави на бугарската страна по средбата на министрите Тимчо Муцунски и неговиот бугарски колега Георг Георгиев. Тие уште велат дека уставните измени се само за отворање на преговорите со ЕУ, но нема гаранција дека подоцна нема пак да се најдеме во истата ситуација. Токму ова работиме да го спречиме – брифираат од Министерството.

Во 2018 година беше речено дека земјава мора да го фати моментумот за интеграција во ЕУ, но потоа следеа француско и бугарско вето.

Владата е отворена за повторни средби со бугарската страна. Неодамна се одржа средба меѓу министрите Муцунски и Георгиев, која била иницирана од македонска страна.

Истовремено Македонија останува посветена и една од лидерите на Западниот Балкан во реформската агенда во рамките на Планот за раст.

– Реформската агенда е механизам кој не е замена за преговори со ЕУ, но може силно да ја гарантира нашата посветеност кон интеграциите, и е добар мотивирачки фактор за да работиме на нашата стратешка определба – додаваат од МНР.

Поврзани содржини