ЧЕКОР ПО ЧЕКОР, СЕ РАСПАЃА КОНЦЕПТОТ „НЕМА НЕВИНИ“ ЗА КОЧАНСКАТА ТРАГЕДИЈА Швајцарската правна прецизност во случајот „Кран Монтана“ лекција дека до правдата не се доаѓа со „лов на вештерки“
Додека за случајот во Кочани обвинителните акти се пишуваа под диктат на јавниот гнев, со конструкција според која „системот е виновен“, па затоа „сите мора да одговараат“, без разлика на степенот на индивидуална вина, Швајцарците покажаа дека вистинската истрага бара прецизен скалпел, а не чекан. Затоа сега клучната теза на Јавното обвинителство се распаѓа, а сведоштвата на неговите сведоци покажуваат дека истрагата била дефокусирана од вистинските причини за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во ерата на социјалните медиуми, јавната перцепција на правдата често се гради со брзината на апсењата, а не со цврстината на доказите. Кога на 1 јануари 2026 година, во швајцарскиот бар „Ле Консталасион“ во пожарот настрадаа 40 луѓе, светската јавност очекуваше „челична тупаница“ од швајцарските власти. Но, она што следеше е лекција по правна одмереност, која македонското Јавно бвинителство, за жал, ја пропушти во случајот со дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Претходното раководство на Јавното обвинителство очигледно имаше проекција дека брзината е позначајна од суштинската издржаност на Обвинителниот акт. Македонија, навистина, е далеку од стандардите на швајцарскиот правен систем, но оваа поука и пример, можеби треба да се анализира и следи.
Додека во Македонија обвинителните акти се пишуваа под диктат на јавниот гнев, опфаќајќи широк круг луѓе, од сопственици до административци кои можеби немаат директна вина, Швајцарците покажаа дека вистинската истрага бара прецизен скалпел, а не чекан. Можеби новите постапки, случувања и одлуки на Јавното обвинителство во врска со дефинирање на конкретната одговорност во случајот со осомничените полицајци, ќе создаде простор јавноста, но и семејствата на загинатите и повредените, да добијат конкретна, точна и навремена правда, наместо богат плен во овој бесправен „лов на вештерки“.
Швајцарскиот преседан: Факти пред емоции
Случајот во Кран Монтана е школски пример за тоа како изгледа кога истрагата не подлегнува на притисок. Иако фактите се застрашувачки – 40 мртви, 116 повредени, мнозинството млади и пожар предизвикан од прскалки на шампањ кои запалиле таванска изолација – швајцарското правосудство одби да игра на картата на популизмот. А двете трагедии, за жал, по многу карактерстики наликуваат една на друга.
Она што се слушува во Швајцарија е прецизно лоцирање на вината, наместо колективна одговорност. Тамошното обвинителство не покрена обвинение против „системот“ во целина, туку се фокусираше на конкретни, докажливи дејствија. Истрагата утврди дека сопственикот Жак Морети сам ја купил и ја поставил звучната изолација. од обична продавница, без стручен надзор. Дополнително, тој самиот признал дека сервисната врата била заклучена одвнатре, и кога ја отворил, нашол тела зад неа.
Француските медиуми објавија дека Жак Морети бил личност чие минато и деловни практики предизвикале сериозно внимание од јавноста. Претходно, во Франција, тој бил предмет на судски постапки поврзани со дела како проституција, киднапирање и незаконско држење. Во 2005 година тој отслужил двегодишна затворска казна за измама, а во 2008 година бил осуден на 12 месеци затвор за тешко подведување, поради неговата вмешаност во случај во кој било утврдено дека регрутирал повеќе жени за проституција, ја организирал нивната активност, одредувал цени и остварувал финансиска корист од нивната сексуална експлоатација.
Храброста да се почитува презумпцијата на невиност
Морети беше приведен на 9 јануари, а потоа судот и обвинителството влегоа во класичната правна дебата за тоа како се менаџира ризикот од бегство и ризикот од попречување на истрагата. Кон крајот на јануари, судот одлучи тој да биде пуштен со кауција од 200.000 швајцарски франци и со строги мерки како предавање на пасошот, забрана за напуштање земја и обврска за дневно јавување во полиција.
Согласно законот на кантонот Вале, лиценца за управување со бар може да биде издадена само на лица кои „не се осудени за дела кои би можеле да претставуваат ризик за работењето во дејноста на сместувачки и угостителски услуги“. Сепак, како што наведуваат медиумите, овие околности не влијаеле врз одлуката на судот за укинување на притворот, со што на Морети му било овозможено да се брани од слобода.
Оваа одлука ја шокираше јавноста, но Судот во Вале образложи дека притворот не е казна, туку мерка за обезбедување, и дека и покрај тежината на делото, „кардиналниот принцип е дека обвинетиот останува на слобода додека не се донесе пресуда“.
Одлуката предизвика затегнување на дипломатските односи. Италија, која изгуби шест свои државјани и имаше 10 повредени, формално протестираше и го повика својот амбасадор во Рим, а премиерката Џорџа Мелони ја оцени одлуката како навреда за семејствата на жртвите. Швајцарските обвинители и судии не попуштија. Инсистираа дека судската одлука е одделна од политичката комуникација и дека притворот мора да се оправдува со законски критериуми, а не со очекувања на јавноста. Тие одбија дури и да назначат „специјален обвинител“, затоа што не постојат правни или објективни причини за тоа, застанувајќи зад компетентноста на редовните институции.
Медиумските извештаи, исто така, отворија прашања во врска со примената на правилата за ограничување на возраста во ноќта на пожарот. Согласно кантоналниот закон во Вале, на лица под 16 години не им е дозволено да престојуваат во лиценцирани објекти каде што се служи алкохол по 22:00 часот, освен доколку се во придружба на родител или овластено возрасно лице. Сепак, податоците покажуваат дека меѓу жртвите имало и малолетници – возраста на починатите се движела од 14 до 39 години, при што приближно половина од жртвите биле помлади од 18 години.
Дополнителни сомнежи за безбедносните практики отворија и снимките од новогодишната ноќ 2019/2020 година, подоцна емитувани од швајцарската јавна телевизија РТС. На нив се гледа вработен како ги предупредува гостите да „внимаваат на пенообразната материја“, додека во исто време се користеле бенгалски огнови во затворениот простор. Овие сцени, според медиумските анализи, укажуваат дека персоналот бил свесен за потенцијалниот ризик од пожар поврзан со материјалот на таванот.
Барот претходно јавно ги промовирал ваквите пиротехнички ефекти преку видео-реклами, што укажува дека користењето оган во објектот не било изолиран инцидент, туку пракса која се повторувала подолг временски период. Преку јавно достапните снимки, ова, како што се наведува, било познато не само на посетителите, туку и на пошироката јавност, вклучително и на надлежните институции.
Покрај дебатата за притвор, медиумите отвораат и прашања за тоа како воопшто функционирал објектот таа ноќ, затоа што досегашната истрага откри дека барот немал инспекција од 2019 година. При тоа, и општината призна дека последната инспекција била во 2019 година и дека периодични проверки не биле направени во периодот 2020–2025 година. Обвинителството не одговори со брзи апсења на административни службеници, туку ја продолжи истрагата во насока кој конкретно бил задолжен за тој пропуст.
Македонскиот синдром: Обвинение за „смирување на толпата“?
Во споредба со ова, постапката за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани делува како избрзан обид да се одговори на сите очекувања на јавноста. Судењето почна со обемен предмет со 35 обвинети лица и 3 правни лица, со голем број оштетени, сведоци и вештачења, што е структура која правило значи долга динамика, чести процесни приговори, одлагања и тешко управување со расправата. На обвинителна клупа седнаа луѓе чија поврзаност со директната причина за пожарот е дискутабилна, па дури и непостоечка во кривично-правна смисла.
Ризикот од преобемно обвинение не е само политички впечаток, туку наскоро ќе се појави и како процесен проблем. Со предолг синџир на лица и институции во обвинението, судот мора да докажува каузалност, должности и индивидуална вина во огромен број линии, а секоја слабост во една линија може да ја отвори вратата за распаѓање на делови од предметот. Токму затоа во многу правни системи, клучното прашање е како се поставува „јадрото“ на одговорност, односно кои дејствија се директно врзани со причината и последицата и како се избегнува сценариото во кое правдата се дави во сопствената документација.
Дали е праведно да се бара кривична одговорност од лица кои можеби направиле административен пропуст, но тој пропуст не е во директна каузална врска со избувнувањето на пожарот? Или од луѓе кои извршувале работни и законски задачи пред 7, 10 или 12 години?
Досегашното искуство кај нас покажува дека и притворот понекогаш се користи како ПР-алатка за смирување на револтот, а не како правна нужност. Под притисок на јавноста и политиката, се создаде конструкција каде „системот е виновен“, па затоа „сите мора да одговараат“, без разлика на степенот на индивидуална вина. Македонија е држава во која судот одобрува што ќе побара Јавното обвинителство во најголем процент, над 90%, компарирано со сите држави во Европа. Тоа не е добра препорака за нашата држава.
Вистината за кочанската трагедија сама ќе се пробива
Досегашните случувања во Кран Монтана покажуваат дека вистинската правда понекогаш бара и храброст да се биде непопуларен. Швајцарските обвинители, независно од јавната реакција, гарантираат дека процесот ќе биде законски чист и дека ќе одговараат само оние кои се навистина виновни. Македонското Јавно обвинителство избра поинаков пат, се определи да го задоволни јавниот притисок со масовни обвиненија.
Опасноста од ваквиот пристап е двојна: од една страна, на невините луѓе им се уништуваат животите преку неосновани процеси; од друга страна, вистинските виновници се кријат во толпата обвинети, надевајќи се дека во општиот хаос, нивната конкретна вина ќе се разводни. Брзата правда, најчесто, е само неправда со друго име.
Нема да мине долго време додека јавноста и најблиските на жртвите и на усреќените ја сфатат огромната штета што им ја нанесува пристапот за кој на стартот на оваа рашомонијада се определи Јавното обвинителство. Дека потрагата по одговорноста е дефокусирана од вистинските причини за трагедијата покажаа веќе првите искази на сведоците на Јавното обвинителство. А допрва ќе се види дека обвинителните акти се на стаклени нозе. Чекор по чекор, вистината за кочанската трагедија сама ќе се пробива. Зашто, како што вели Абрахам Линколн, можеш да лажеш некои луѓе цело време и сите луѓе некое време, но не можеш да ги лажеш сите луѓе цело време.