Чекаме контејнери, а Институтот за ТБЦ сѐ уште не е ковид-болница?!
Наместо трикатниот објект од тврда градба да стане ковид-болница, Филипче решил да го „прекомандува“ персоналот. Зошто?
Додека доцни набавката на модуларните префабрикувани контејнери за формирање на привремените ковид-центри во 16 градови во Македонија, објектот на Институтот за белодробни заболувања и туберколоза, кој се наоѓа во Клиничкиот центар во Скопје, сѐ уште не е ковид-болница.
Во оваа институција на јавното здравство работат искусни пулмолози и друг персонал, а белодробните заболувања, всушност, се најчеста компликација на инфекцијата со коронавирусот. Има ли нешто пологично од тоа оваа институција да стане ковид-болница, во време кога капацитетите на Инфективната клиника и на ГОБ „8 Септември“ се пред исцрпување?
Го прашавме Министерството за здравство зошто зградата на Институтот за ТБЦ сѐ уште не се користи за лекување на пациенти со ковид-19 и дали причината е што, според нашите сознанија, во Институтот нема централизиран кислород. Првично добивме лаконски одговор:
„Слободните здравствени капацитети ќе се вклучат во системот согласно потребата, по претходно направени анализи и насоки на Комисијата за заразни болести“.
Но, по нашето повторно јавување, Министерството за здравство ни даде малку попрецизен одговор, кој е индиректна потврда на сознанијата дека во објектот на Институтот сепак нема централизиран кислород.
„Во ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и туберкулоза – се вели во одговорот на Министерството за здравство – сите хоспитализирани пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка истата ја добиваат преку кислородни концентратори. Инаку, сите хоспитализирани пациенти во Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кои се суспектни за ковид-19 се згрижуваат во посебна просторија за изолација, каде се тестираат за SARS Cov-2 и доколку се добие позитивен наод, се трансферираат во ковид-центар. За постапките со суспектните случаи со ковид-19, во Институтот постојат протоколи“.
Значи, за болните во Институтот за кои постои сомневање дека се заразени со коронавирусот, протоколот е речиси идентичен како за сите други болници. Но, од одговорот на ресорот не е јасно дали воопшто се планира Институтот да стане ковид-болница, за што постојат и просторни и кадровски услови. Неофицијално дознаваме дека министерот Венко Филипче се определил за поинаков пристап – лекарите од овој Институт наводно добиле „прекоманда“ во Инфективната клиника.