ЧЕКАЛ ДА ЗАВРШИ ПОГРЕБОТ ЗА ДА ГИ НАПАДНЕ Момче од Гостиварско пукало со пиштол во соселани, едно лице е повредено
Неофицијално, на оружениот инцидент му претходеле нерасчистени односи помеѓу осомничениот и дел од луѓето кои биле во групата
Едно лице е полесно повредено во инцидент што вчера околу пладне се случил во гостиварското село Ѓурѓевиште. Помлад жител на селото со пиштол пукал во група луѓе кои се враќале од погреб. Полицијата трага по него и засега не се знаат мотивите кои го предизвикале инцидентот.
Од СВР Тетово информираат дека вчера во 12 часот и 20 минути било пријавено пукањето. Според причините податоци 23-годишниот С.И. од Ѓурѓевиште, од возило во движење пукал од пиштол повеќе пати кон луѓе кои се враќале од погреб. Полесна телесна повреда здобил 46-годишниот Ф.М. од истото село, на кој му е укажана помош во гостиварската општа болница „Ферид Мурад“.
Екипа на ОВР Гостивар извршила увид, а на местото на настанот се пронајдени и подигнати за вештачење две чаури и еден проектил. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Неофицијално, на оружениот инцидент му претходеле нерасчистени односи помеѓу осомничениот и дел од луѓето кои биле во групата. С.И. по настанот побегнал и по него се трага.