ЧЕКАЈЌИ ЈА ЈАНУАРСКАТА ПЛАТА Бизнисите се борат за ликвидност, работниците тонат во неизвесност
Драстичниот раст на бројот на компании кои не успеваат да исплатат плата и процентот на отпуштени работници се првите знаци дека е влошена состојбата во компаниите.
Ако и во наредниот период продолжи да се влошува економската состојба во Европа која е наш главен трговски партнер, тогаш ќе се зголеми и бројот на компании кои нема да исплаќаат плати и кои ќе отпуштаат работници.
Не се исклучува и можноста некои од нив да стават клуч на вратата, коментираат бизнисмени по објавување на бројката дека околу 83.000 работници не ја добиле јануарската плата.
Според бизнисмените, процесот е веќе започнат и тешко дека ќе запре. Драстичниот раст на бројот на компании кои не успеваат да исплатат плата и процентот на отпуштени работници се првите знаци дека е влошена и нестабилна состојбата во компаниите. Лани 6% од работниците добиле отказ поради тоа што компаниите немале работа, а бројот на работници кои не примиле плата само за јануари годинава е зголемен за повеќе од три пати во однос на лани.
– Плати не се исплаќаат само тогаш кога компанијата одлучува дали да се затвори или не. Ако очекува некаков прилив на пари од купувачите на нејзините производи, тогаш се обидува да опстане и се доцни со исплата на платите. Но, ако купувачот ја затворил фирмата и нема од каде да добие пари тогаш одлуката е јасна – се отпуштаат работниците и се затвора фирмата – вели Ангел Димитров од конфекцијата „Мода“ од Свети Николе.
Тој тврди дека ниедна компанија која досега исплаќала плати намерно не би ја запрела исплатата на платите бидејќи ѝ се пресметуваат дневни казнени камати.
– Не е прашање на желба дали се сака да се исплати плата, туку се работи за тоа дека компанијата има проблем во работењето. Инаку, зошто некој би сакал да плаќа камати на долг кој мора да го плати, ако има пари тоа навреме да го стори. Секако, ако сопственикот сака да не ги плаќа работниците треба да ја затвори компанијата – вели Димитров.
Поради кризата на германскиот пазар каде што извезува и „Мода“ отпушти 26 работници, а за платите како и сите во секторот е зависна од ликвидноста на странскиот купувач на производите.
– Состојбата е таква. Еве на пример за да им исплатиме плата на нашите работнички пред празникот на жената 8 Март побаравме нашиот купувач да ни плати за испорачаната стока. За среќа тој се согласи и сега ќе ја исплатиме платата. Ако не ни платеше немаше да ја исплатиме платата пред празникот. Ќе чекавме прилив на средства тоа да го направиме подоцна во законскиот рок – додава тој.
Димитров смета дека главна причина за големата зависност на македонските компании од своите партнери во странство е тоа што компаниите немаат финансиски резерви поради лошата структура на капиталот.
– Повеќе од 72% од компаниите немаат резерви, а тоа произлегува од политиката на отворање на фирми со обртен капитал од 5.000 евра. Така, уште при првата плата овие фирми мораат да се задолжат во банките бидејќи немаат доволно капитал за да работат. Проблемот подоцна се продлабочува кога настапуваат кризи. Секоја промена кај купувачот на производите значи и криза за компаниите – појаснува тој.
И претседателот на Бизнис конфедерацијата, Миле Бошков вели дека бројката на неисплатени плати покажува дека состојбата во економијата не е стабилна, компаниите имаат зголемени трошоци и долгови.
Според него, проблемот со неисплатени плати ќе се заостри ако се зголеми минималната плата повеќе од законски утврденото. Тоа може да предизвика и бран отпуштања на работниците, но и пораст на сивата економија бидејќи дел од фирмите кои не можат да ги плаќаат платите ќе се затворат и ќе работат на црно или ќе се пререгистрираат.
– Тоа покажува дека политиките за раст на платите не се како што треба. Барањето за плус 5.000 денари повисок минималец нето или најмалку 8.000 денари бруто е бројка која навистина ќе предизвика бран отпуштања и бројка која не може да ја издржи бизнисот. Најголем дел од самостојните вршители на дејност се пријавени на минималец, и сега со најавата за зголемување, ќе предизвика дел од нив да се одјават и да работат на црно – вели тој.
Покрај текстилната индустрија – производството на облека, кризата на европскиот пазар ја чувствува и автомобилската индустрија. Први најави за намалување на работници дојдоа од „Аптив“ која најави дека до крајот на годината ќе ја напушти земјава поради преструктурирање на производството на европскиот пазар и ќе ги отпушти работниците и од „Џонсон Мети“ која најави дека ќе го намали бројот на работници.
Дел од компаниите од овој сектор соопштија дека имаат намален број на нарачки.
Официјалните податоци се дека бројот на работниците во текстилната индустрија за изработка на облека во декември лани се намалил за 14,7%, во кожарската индустрија за 11,7 додека во секторот производство на возила пак бројот на работници се намалил за 5,9%.