ЧЕБРЕН МОЖЕМЕ САМИ ДА ГО ИЗГРАДИМЕ, ЕВЕ КАКО СЕ ПРАВИ ТОА! Инженерите покренаа иницијатива прво да се донесе посебен закон

Целта на оваа Иницијатива е активностите на државните институции кои ќе бидат делегирани за спроведување на овој капитален проект од стратегиски интерес за државата, да се стават во законски рамки за да се овозможи непречена реализација, без обзир која политичка партија ја формира Владата – велат иницијаторите.

435

Здружението на инженери на Македонија покрена Иницијативата за донесување на Закон за изградба на Чебрен со македонски сили, која е доставена до Владата, премиерот, до сите министри, до Собранието, до претседателот на Собранието и до сите пратеници.

Со иницијативата се предлага донесување Закон за финансирање на изградбата на водостопанско-енергетските објекти со име „Проект Чебрен”, како интегрално решение по должината на сливот на Црна Река, како составен дел од Стратегијата за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година.






Целта на оваа Иницијатива е активностите на државните институции кои ќе бидат делегирани за спроведување на овој капитален проект од стратегиски интерес за државата, да се стават во законски рамки за да се овозможи непречена реализација, без обѕир која политичка партија ја формира Владата.

Некои од основните прашања и одговори, кои ја поткрепуваат потребата за донесување на овој Закон се:

Дали е потребно овој капитален проект да се изгради? ДА!

Дали Македонија може да раководи со реализацијата на овој проект? ДА!

Дали е лесно да се реализира овој проект? НЕ!

Дали реализацијата на овој проект е Проблем ? НЕ, таа е ПРЕДИЗВИК за македонското општество.

Дали Македонија може финансиски да го поднесе овој проект? ДА, преку интелигентно финансиско управување“ – се вели во воведот на Иницијативата која е потпишана од повеќе од 20 инженери и јавни личности.

Иницијаторите бараат пратениците во Собранието и Владата, користејќи го своето право и должност, да ја прифатат оваа иницијативата и да го донесат овој Закон.

Во иницијативата се опишува текот на постапката за реализацоија на овој проект:

Потребно е целата досегашна инвестициско-техничка документација од секторите на електростопанство, земјоделие, животна средина, академските институции да се собере на едно место. Врз основа на длабинска анализа, експертска работна група ќе дефинира најдобро прифатливо решение во однос на националните интереси на Република Северна Македонија за кое ќе се изработи соодветна проектна документација (Идеен проект). Идејниот проект треба да биде ревидиран од реномирана ревизорска компанија. Следува изработката на главни проекти со кој ќе се дефинира реалната цена за изградба на овој проект. После тоа може да се пристапи кон изработка на План за реализација на Проектот во сите негови фази во кој е вклучен и начинот на финансирањето и протокот на паричните средства.

Креирањето на соодветната правна рамка, која јасно ќе ги дефинира основите врз кои ќе се врши реализацијата и ќе се уредуваат внатрешните односи, претставува приоритетна задача сама по себе од највисоко ниво. Законот треба да биде подготвен со јасни и прецизни законски и подзаконски норми, без простор за толкување на законските решенија, со што се постигнува целта при спроведување на законот во практиката“.

Поврзани содржини