„ЧЕБРЕН И ГАЛИШТЕ“ И „БОШКОВ МОСТ“ МОЖАТ ДА БИДАТ ДЕЛ ОД РЕГИОНАЛНАТА ЕНЕРГЕТСКА ИНИЦИЈАТИВА Мицкоски очекува годишен инвестициски прилив од 400 милијарди евра во регионот
Премиерот иницијативата на заеднички настап на Западен Балкан пред енергетските инвеститори, планира да ја соопшти на самитот ЕУ- Западен Балкан во Подгорица.
Сеумнаесетина инвестиции во енергетиката се во завршна фаза, во почетна или во некоја фаза на реализација коишто треба да креираат до кај пет илјади нови работни места, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски говореше и за иницијативата за регионално здружување за заеднички настап пред инвеститорите во енергетиката, бидејќи како што рече, иднината на регионот се инвестициите во енергетиката.
– Ако сами настапуваме, се плашам дека нема да бидеме препознаени од инвеститорите. Би рекол сумата којашто ја имаме на располагање во следниве 10 години, е огромна. И ако целиме на 0,01% од таа сума, тоа се отприлика четири трилиони американски долари. Тоа е отприлика 4.000 милијарди во следниве 10 години, коишто регионот ако се обедини може да понуди проекти за да бидат реализирани, ако добро се организираме, се разбира. Тоа е некаде отприлика по 400 милијарди годишно, замислете каква трансформација на општествата ќе настане -рече тој.
Тој направи споредба на овие бројки со вкупниот номинален БДП на шесте земји Западен Балкан.
-Ако имаме предвид дека сите 6 земји од Западен Балкан, коишто се во групата, вкупниот номинален бруто домашен производ им е околу 250 милијарди долари. Значи ова е многу над тоа што претставува вкупен номинален бруто домашен производ, а зборуваме само за 0,01%. Замислете што значи тоа за нашите економии и за нашите граѓани. Мислам дека треба да сме умни како регион, да се поврземе и да покажеме и докажеме дека можеме да соработуваме и дека знаеме да соработуваме и да понудиме заеднички проекти – рече Мицкоски.
Тој додаде дека Македонија се подготвува за ова сериозно.
– Дел од тие подготовки се и дел од овие тековни проекти кои веќе се реализираат. Проектот на „Алказар”, Ветерниот парк, инвестиција вредна од половина милијарда долари. Инвеститорот веќе доби градежни дозволи и очекуваме истиот да почне со теренските работи некаде во месец април, после Велигден. Но не само што ќе го работат тој, туку појавуваат интерес и за нов проект, односно продолжување и надградување на истиот. Не случајно во Давос ги споменав Чебрен и Галиште и повторно ги враќаме во игра. Не случајно го спомнав Бошков Мост. Сите овие проекти претставуваат дел од можностите коишто ние ги имаме за инвестиција. Тука се и оние гасни електрани коишто ги најавивме претходно со турскиот холдинг „Акса”. Тука е оној гасен интерконектор којшто го градиме со Грција и гасниот интерконектор којшто ќе почнеме да го градиме со Србија. Тука е далноводот 400 киловолтен на висок напон којшто започнуваме, односно го рестартираме, којшто треба да се поврзе Битола со Елбасан, односно со Албанија – рече Мицкоски.
Така што, додаде тој , имаме многу проекти коишто се дел од овој план, но јас сум убеден дека, доколку регионално сите се организираме ќе бидеме полесно препознаени од страна на инвеститорите.
-Ако денеска светот зборува само за вештачка интелигенција, таа вештачка интелигенција не може да функционира без дата центри, а дата центри не може да функционираат без електрична енергија. Така што сите заедно мислам дека треба да целиме кон тоа дел од ова инвестициско портфолио да го привлечеме овдека во регионот – рече Мицкоски.”
Тој рече дека веќе има позитивни сигнали од лидерите на другите земји во регионот за оваа идеја.
-Па од некои да. Но мислам дека сега во Подгорица кога ќе се собереме, кога ќе има Самит, подетално ќе влезам во објаснување на идејата. И мислам дека е добро да се разработи подетално и мислам дека ќе биде атрактивна. И потоа треба да се спушти на оперативно ниво за да можеме да се претставиме пред потенцијалните инвеститори – рече Мицкоски.