Чебат!
На што ќе се ложиме зимава? На еврооптимизам? На скринингот? На трич прич тртљање? На обвинувањата дека опозицијата не ни била македонска, туку проруска? На бугарска струја? На Опнат Балкан? На Вучиќеви пакети? Како ќе се згрееме? Јесу ли спремне јамболије, родопска и остала чебат? Да да, зимава чебат, што би рекле прилепчани. Че видиме кој кого...
Со сиот ризик да бидам обвинет дека подлегнувам на „руското влијание во Македонија“, во оваа моја втора колумна за последиците од војната во Украина, пак ќе кажам дека јас не гледам алтернатива за мирот.
Мир во Украина, не војна!
Тоа беше и насловот на мојата колумна, објавена пред околу осум месеци, на ова место. Во која тогаш го поставив следново прашање:
„Дали е ерес да се каже дека геостратешките цели на Западот во овој дел на светот многу поефективно ќе се остварат ако се најде мировно решение, а потоа САД и земјите на Европската Унија ги потврдат единството и поддршката на народот на Украина, така што заеднички ќе вложат огромни напори да ги санираат последиците од војната и да ѝ помогнат на оваа земја да оствари супериорен економски и севкупен општествен развој, супериорен пред сè во однос на Русија?“
Блиску до ова е и тезата на Роџер Вотерс, лидерот на култниот бенд Пинк Флојд, од неговата реплика на твитот на Олеана Зеленски, сопругата на украинскиот лидер Зеленски.
„Мирот во Украина – ѝ пишува Роџер на Олеана – е она за што гласаше огромното мнозинство од народот на Украина кога го избраа вашиот сопруг за претседател. И тоа мнозинство очекуваше тој да го искористи својот мандат за да преговара за решение меѓу Украина и Руската федерација што ќе ги задоволи безбедносните потреби на двете нации и ќе обезбеди кредибилна алтернатива на оваа катастрофална војна. Верувам дека дури и откако почнаа непријателствата, минатиот април, два месеци по војната, такво решение беше на маса. Тоа беше во Истанбул, нели? Што се случи?“
Да, беше тоа во Истанбул. Знаеме што се случи. Хаварија. Саботажа на обидите завојуваните страни да се доведат на преговарачка маса. Западот се определи на агресијата на Путин да одговори со оружје и со дополнителни санкции. Во обид Москва да се фрли на колена.
И додека во овие „воинствени времиња“, како што ги нарекува Роџер Вотерс, западните лидери (или барем најмоќните меѓу нив) сметаат дека нивната најдобра шанса е офанзивата на Зеленски да ги доведе пред портите на Кремљ, многу други луѓе сметаат дека војната и продолжувањето на непријателствата се тие што го загрозуваат светскиот мир и ја нарушуваат воспоставената глобална рамнотежа во распределбата на ресурсите од кои зависи светската економија, а можеби и судбината на планетата.
Не би можел да се обложам дека овие вториве се (сме) во право. Но сепак, кога некој ќе рече „мир во Украина“, или „прекин на огнот и преговори“, за мене тоа не е руска пропаганда per se. Ниту пак е дискурс кој „автоматски“ заговара некаква анти-НАТО, анти-ЕУ и анти-Бајден агенда. Напротив, мислам дека мнозинството луѓе кои сакаат мир во Украина се добри и одговорни луѓе, домаќини загрижени не само за светскиот мир, туку и за домашното огниште. Себични на начин каков што секој од нас, во крајна линија, треба да биде. Тој што не е добар за себе, не е ни за другите.
Водно е бедемот на Западот?!
Тука некаде доаѓа Македониичево наше во приказната…
Имено, сѐ додека забрчанциве не успеат некако да фатат и не уапсат една екипа руски шпиони колку за фудбал на мали голчиња, додека триумфално јавно не ни претстават една опасна „проруска инсталација“ пред да ја фрлат во кочијата со помии како некаков ексклузивен трич прич специјалитет, јас не верувам во приказните дека некакви влијателни „рубља патриоти“ сериозно го окупирале македонскиот јавен простор.
Мислам дека овде станува збор за нешто друго.
Македонија несомнено е малечка и геостратешки неважна земја. Земља сељака на брдовитом Балкану… Но, нејзиното водство си умислило дека таа сега станува некаква важна точка во светската геостратегија, бедем на кој Западот се брани од погубното „руско влијание“. Падне ли Водно, ебаго, паѓа Бакингамската палата, гори (пак) Рајхстагот, Руси мочаат по Елисејските полиња…
Умислиле другарчињава дека токму во оваа наша касаба се брани западната цивилизација. Во Третата светска војна, која според идеологот на сдсмовската пропаганда Тричковски, немало да се води помеѓу државите и нациите, туку помеѓу вредносно поделените луѓе, групи и светови. Што го покажувале и случувањата во врска со Европрајдот во Белград.
Како го ушнира и белградскиов Европрајд во неговине срања, свака му част! На моменти помислувам дека шутраков може да се носи и со Васко Ефтов, иако Васе за Тричко е академик во секој поглед…
Од Васе бољи е само Стево Пендаровски. Прецедникот.
Кој ни предвиде дека ни немало спас на сите нас што не ја разбирамe и не ја одобруваме владината политика кон Бугарија.
И плус ни дијагностицираше „лабаво национално самочувство“.
Стево јакиот. Кај кого, нели, нема лабаво. Нема денес вака, утре онака. Во конзистентните му самочувствени анализи. И во оговарањето до бесвест.
Опасно нарушена глобалната рамнотежа
Како и да е, во Македонија, секој што ќе го спомне зборот „мир“ во контекст на војната во Украина се смета или за руски шпион, или, во бенигната форма на стигмата, за човек под „руско влијание“ и со „лабаво“ чувство кон НАТО и кон ЕУ.
Сепак, без оглед на тоа, по третпат во оваа колумна ќе кажам дека само итен прекин на огнот во Украина и преговори за мир можат да го спасат светот од оваа криза. Ако веќе не е доцна…
Иако не ги следам баш сите детали за украинската воена контраофанзива (кај нас се накотија „експерти“ што го имитираат покојниот Лазански, па има кој да ве забавува со такви анализи), не верувам дека продолжувањето на воените дејствија ќе го доведе Западот пред портите на Кремљ. Обратно, стравувам дека тоа може да предизвика само уште пожестока, агресивна и панична реакција на Путин. Тие, пак, што се сомневаат дека Путин е болен и неспособен за таков одговор, ете нека ги слушнат последните закани на Медведев.
Фон Клаузевиц вели дека мирот се одржува со рамнотежа на силите и трае сѐ додека постои таа рамнотежа. Логично, нели? Глобалната рамнотежа на силите (и на стравот) е опасно нарушена и во моментов навистина се води една нова светска војна. Засега тоа е само „студена“ војна. Тоа е војна за нова прераспределба на ресурсите од кои зависи опстанокот на модерната цивилизација.
Најтрагично и најжално е што таа војна се води во време кога човештвото, всушност, не се соочува со некаков драматичен недостиг на ресурси. Природен гас има толку колку што имаше до вчера. Нафта и нафтени деривати, исто така. Струја се произведува дури и повеќе од порано.
Вистински недостиг има само од оној ресурс што никој никогаш не пријавил дека му фали – ум. Тоа е вистинската причина поради која светот се соочува со глобална безбедносна криза и со длабока рецесија.
Ципрас е во право, Европа е големиот губитник
Посебно се погодени земјите од Стариот континент. Гркот Ципрас вели дека економски и геополитички, Европа е големиот губитник од војната во Украина. Европската унија има недостиг на лидерство, визија и стратегија, додава тој.
Во право е човекот. Затоа европските влади почнаа да паѓаат како гнили круши. И оваа, а веројатно и во наредните зими, ќе паѓаат и ќе се менуваат како што луѓето ќе менуваат топли, волнени чорапи на нозете.
Европјаните се навикнати на одреден стандард на живеење и на комоција, а сега од нив се бара да се откажат од сето тоа. При тоа, тие знаат дека недостигот од енергенси, храна и од други ресурси е последица на неспособноста на оваа генерација светски лидери да се справат со Путин, да ја менаџираат кризата што не е од вчера и да окончаат една војна којашто квалитетот на животот на планетата Земја го враќа барем половина век назад.
Не ме изненадува тоа што на улиците на европските метрополи почнува да блика револт. Допрва ќе гледаме циркузи…
А што треба да мислат дисциплинираните Германци, на пример, економски најмоќната нација во Европа, сега, кога треба да учат како да штедат, да мрзнат и да не се бањаат толку често? Треба ли да бидат среќни поради тоа што на таков начин придонесуваат во војната против автократот во Кремљ?
С’нќим па мора да има тоа шо се тегне у пицата!
А ние, малите и кутрите, на што ќе се ложиме ние? На кои забрчански наративи?
На еврооптимизам? На скринингот?
На трич прич глупирање?
На обвинувањата дека опозицијата не ни била македонска, туку проруска?
На Маричиќ и на Бисера Скафандра? Кога ми текнува на нив двајцата, помислувам само на љубовта. Кон европските вредности, нормално.
На бугарска струја? За која демек сме се испазариле. Ние на нив Кирил, Методиј, Климент, Наум, Самуил, веројатно и Гоце, Евреите, партизаните, сичко што мора да „умре“ како „македонско“ за да се роди со верифицирано потекло од 1945-та наваму.
Ах, колку е глупава таа приказна за струјата… Сега цената ни се видела висока, не била братска. Брат за брат, сирење за пари, другарчиња. И јас тука немам никакви замерки за софијанците. Обаче, луѓето си прозвеждат ток и сега е време да ќарат. И нека ќарат. Сичко има, тешко се намира!
На Опнат Балкан ли ќе се ложиме? По странцки, Опен Балкан. На Вучиќеви пакети? Ко нашите баби и дедовци на Труманови јајца…
Не бе дечки, се знае – ќе штедиме и ќе мизеруваме. Како тоа не ви е јасно?
Завиткани во јоргани и во родопски ќебиња, ќе се секираме дали Велика Британија ќе преживее после Елизабета Втора, нека ѝ е лесна земјата…
Јесу ли спремне јамболије, родопска и остала чебат? Да да, зимава чебат, што би рекле прилепчани.
Ќе штедиме, ќе мизеруваме. Тоа е нашата судбина. И не ни е прв пат.
Како што напиша еден тетоец на Фејсбук, с’нќим па мора да има тоа шо се тегне у пицата!
Само не правете будали од себе. Стево и компанија, слушате?
Ај од себе, ако баш мора нека ви биде, ама немојте да правите будали од нас. Тоа не се трпи веќе. Тоа, другарчиња, никаде во Европа веќе не се трпи. Стискаат луѓето заби, трпат сиромаштија, ама не и глупирање, не и продавање муда за бубрези.
Така ќе биде и во Македонија. Тоа се тие европски вредности. Тоа, баш нетрпењето и отпорот.
Овде кај нас сѐ доцни, како по обичај. Доцни и Европа. Ама, јеби га, вие запнавте да го фатите возот, нели – кој знае што фативте… – а се знае дека и последниот вагон од композицијата стасува на целта.
Че бидеме и ние Европа во тешко зимско руво. И че видиме кој кого… Важно, чебат!
Ви текнуе?
ПС. Благодарност до Мирослав И. Јовановски за позајмениот афоризам за пицата.