Че биде срамно да се премолчат снимките што ги објави „Че вреди“

Јавното обвинителство мора веднаш да поведе истрага за наводите во аудио-снимките што ги објави кандидатот на граѓанската иницијатива, бидејќи постои сомневање дека изборниот процес во Прилеп е опасно искомпромитиран „Че вреди“.

18,992

До мене секојдневно допираат предупредувања за обиди за масовен предизборен поткуп во повеќе градови и села во Македонија. Веројатно сите вие слушате такви гласини и се прашувате колку се тие веродостојни. И се чудите – па зарем е можно историјата пак да ни се повторува, сега како фарса поголема од претходните?

Како да не беше доволна масовниот предизборен поткуп во периодот на преткампањата, кога власта се осмели да оди до таму на целата јавна администрација да ѝ вети 30-процентно зголемување на платите.






Како да не се доволни овие секојдневни променади на премиерот Зоран Заев во улога на мастермајнд на кампањата. Сите гледаме дека со својот имиџ на „мистер прајм министер“, демиург на новиот живот и на едното“ општество за сите“ (кое за СДСМ и за неговите афилијации е едно, а за сите други – друго), Заев се труди да ги покрие слабостите на своите градоначалници и општински советници и да лансира нови и нови ветувања. За жал, малку кој размислува дека ова е манифестација на уште поголема доминација на централната врз локалната власт.

Но, власта сега има други приоритети. Очигледно е дека дури и сите тие натчовечки напори мистер прајмминистерот не се доволни СДСМ да ги добие изборите на начин како што тоа го посакува за власт незаситниот Заев. Потребно е нешто да се „одработи“ далеку од очите на јавноста, нешто валкано и докажано ефикасно, нешто што на власта ќе ѝ донесе нов контингент гласови, за сигурна победа.

И затоа од сите страни стасуваат гласини дека партиите од власта жестоко работат и „на теренот“, дека одат буквално од куќа до куќа со торби пари под мишки, дека даваат кеш и нудат ветувања комушто треба, само за да се добие глас повеќе.

Се разбира, гласините се едно, но за да се пласираат во јавноста како кредибилни информации и при тоа јавно да се бара и интервенција на органите на прогонот и внимание од меѓународните посматрачи (кои прв пат ги набљудуваат и локалните избори), потребни се и цврсти докази. До нив, за жал, тешко се доаѓа. Станува збор за криминал, а криминалот се крие, не се рекламира на билборди.

Затоа, ме изненади прес-конференцијата на еден човек кого лично не го познавам, иако можеби сум го сретнал и сум го запознал некаде на маршевите на Отпорот и на Шарената револуција, можеби дури и во Прилеп. Станува збор за независниот кандидат за градоначалник за општина Прилеп, адвокатот Жарко Стеваноски, од граѓанската иницијатива „Че вреди“. На јавна прес-конференција, тој не само што ги обвини раководните луѓе во СДСМ од градот за вршење притисок и за упатување закани до неговите активисти и кандидати за советници, туку и презентираше прилично уверлив доказ – две аудиоснимки, на кои јасно се слуша разговор меѓу некој локален партиски шериф од СДСМ и поранешен активист на таа партија, кој очигледно преминал на страната на Стеваноски.

Внимателно, два пати, ги преслушав тие разговори. Бидејќи се составен дел на јавната прес-конференција на официјален учесник во изборната кампања, објавени се и секој може да ги преслуша и самиот да изведе заклучок. Убеден сум дека секој ќе се увери дека станува збор за неспорен доказ не само за директен притисок врз еден партиски активист и избирач, не само за директно и грубо нудење поткуп, туку и за сведоштво дека СДСМ располага со механизми за доделување социјална помош преку ред, за решавање на поединечни проблеми за легализација на дивоградби, за плаќање неплатени сметки за комуналии, за прекутрупа вработувања, па дури и за влијание врз судовите.

Не тврдам дека аудиоснимките сами по себе се дефинитивен доказ за нечија вина. Напротив, станува збор за снимки кои веројатно се снимени на нелегален начин. Но, тие сепак се сериозни индиции и допрен глас што не смее да се игнорира. Јавното обвинителство мора веднаш да поведе истрага за наводите во тие снимки. Имам впечаток дека прилепчани знаат чии се гласовите на снимките и нема ништо полесно и попотребно од тоа тие луѓе веднаш, уште денеска, да се викнат да дадат искази за што станува збор.

Аудиоснимките упатуваат на многу сериозно и основано сомневање дека изборниот процес во Прилеп е опасно искомпромитиран. Тие се аларм до сите институции во Прилеп и во Македонија веднаш и бескомпромисно да реагираат, а во другите градови да отворат очи и уши и да ги проверат гласините за обиди за масовен изборен поткуп на избирачите.

За в недела посакувам мирен и спокоен изборен ден, без нерегуларности и без фаули што ќе го загрозат гласањето. Но, нагласувам дека изборниот процес не се цени само по изборниот ден, туку и по сите настани што се случуваат во текот на изборната кампања, како и во периодот на преткампањата. Во таа смисла, на овие локални избори испит полагаат не само политичарите, туку и посматрачите, а посебно оние од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.

Баш ме интересира дали тие ќе оценат дека че вреди нешто да гукнат ова што се случува во Прилеп…

Поврзани содржини