ЧАСКОВСКИ ВОДИ ПО ПРВИОТ КРУГ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ ВО ПОЛСКА Десничарот Навроцки нагло расте како фигура, на младите им е смачено

Во вториот круг, закажан за 1 јуни, ќе се реши кој ќе ја преземе функцијата претседател. Политичките аналитичари оценуваат дека доколку победи Рафал Часковски, би можело да дојде до подобра соработка со актуелната влада на Доналд Туск, додека евентуална победа на Карол Навроцки би можела да ги засили институционалните тензии и дури да предизвика предвремени парламентарни избори.

133

Полската Изборна комисија соопшти дека, по пребројувањето на сите гласови, градоначалникот на Варшава и кандидат на проевропската Граѓанска коалиција, Рафал Часковски, води по првиот круг од претседателските избори, објави Би-Би-Си.

Часковски освоил 31,36% од гласовите, додека неговиот противкандидат Карол Навроцки, историчар и кандидат поддржан од националистичката партија Право и правда, добил 29,54%.






Во вториот круг, закажан за 1 јуни, ќе се одлучи кој од нив ќе биде новиот претседател. Според политички аналитичари, победата на Часковски би донела поголема хармонија меѓу претседателската функција и актуелната влада, додека победа на Навроцки би можела да ги заостри институционалните тензии и евентуално да води кон предвремени парламентарни избори.

Излезноста на гласачите била над 67%, што е висока за Полска, но сепак пониска од рекордната излезност на парламентарните избори во 2023 година.

Часковски им се обрати на своите поддржувачи на митинг во Сандомјеж, јужна Полска, со зборовите: „Ќе победиме.“ Но, додаде дека за тоа ќе биде потребна „голема работа и огромна решителност“.

– Сигурен сум дека цела Полска ќе победи – рече тој.

Тој вети дека ќе соработува со коалицијата на премиерот Туск за да се либерализира строгиот закон за абортус во земјата и да се забрза реформата на полското судство, за кое се смета дека било политизирано од претходната влада, предводена од ПиС (Право и правда).

Часковски постигна послаб резултат од очекувањата според анкетите пред гласањето, кои му предвидуваа предност од 4% до 6% пред Навроцки.

Каква е улогата на претседателот во Полска?

Претседателот на Полска има претежно церемонијални овластувања, но може да стави вето на закони, предложени од владата. Коалицијата на Туск нема доволно мнозинство во парламентот за да го надмине претседателско вето.

Туск досега не успеа да ги исполни многу од своите предизборни ветувања, делумно поради тоа што конзервативниот претседател во заминување, Анджеј Дуда, ставаше вето на предлозите на владата, а делумно и поради поделбите во коалицијата околу прашања како абортусот и граѓанските партнерства.

Победа на Часковски би значела укинување на претседателското вето, но Навроцки би можел да биде уште потежок противник од Дуда.

Навроцки им рече на своите поддржувачи во Гдањск дека Туск мора да биде спречен да добие целосна власт во Полска.

Тој ги повика поддржувачите на двајцата крајнодесничарски кандидати – Славомир Менцен, кој заврши трет со 14,8%, и Гжегож Браун, кој беше четврти со 6,3% – да помогнат да се „спаси Полска“ од Туск.

Многу ќе зависи од тоа кој кандидат ќе успее да ги мобилизира своите гласачи во вториот круг.

Навроцки расте како фигура

Навроцки беше непознат на национално ниво пред да биде избран како кандидат на Право и правда (ПиС), но се подобруваше во текот на кампањата, а ПиС традиционално е вешт во мобилизација на своето гласачко тело.

Часковски ќе мора да ги обедини гласачите на својата центристичка партија, но и оние што гласаа за помалите коалициски партнери – Левицата (Магдалена Бејат) и конзервативната Трета опција (Шимон Холовња).

Дополнителна грижа за Часковски е неочекувано добриот резултат на крајната десница бидејќи многу од нивните поддржувачи нема да сакаат да гласаат за него.

Што е клучот кај младите гласачи на Менцен?

Резултатот на Менцен е силен и ја продолжува тенденцијата на раст на неговата крајнодесничарска партија Конфедерација, која влезе во парламентот во 2019 година.

Прашањето е кого ќе поддржат неговите главно млади гласачи во вториот круг?

Многумина би му дале поддршка на Навроцки поради неговите католички и семејно ориентирани ставови, но не им се допаѓа левичарската економска политика на ПиС, особено великодушните државни бенефиции.

Менцен е анти-естаблишмент кандидат и некои од неговите поддржувачи можеби нема да сакаат да гласаат ни за Навроцки ни за Часковски, бидејќи и двајцата се дел од партиите кои доминираат со полската политика веќе 2 децении.

Резултатот на крајнодесничарскиот европратеник Гжегож Браун беше непријатно изненадување за либералните гласачи во Полска.

Браун стана вест во 2023 година кога во полскиот парламент со противпожарен апарат ги изгаси свеќите на еврејската менора, поставена за време на свеченост по повод Ханука.

Тој го нарече празникот „сатански“.

– Евреите имаат премногу влијание во полските работи – изјави тој за време на претседателската дебата минатиот месец изјави

Полска се наоѓа во чувствителен политички момент по смената на власта во 2023 година, кога центристичката Граѓанска коалиција (КО), предводена од Доналд Туск, ја победи долгогодишната владејачка партија Право и правда (ПиС).

Победа на кандидат од КО би значела политичка стабилизација и враќање на проевропски курс, додека победа на десничар би можела да доведе до нова институционална криза, па дури и до предвремени избори.

 

Поврзани содржини