ЧАИР И САРАЈ ПОТФРЛИЛЕ СО НАПЛАТА НА ДАНОК НА ИМОТ Какви приходи и расходи имале лани Струга, Тетово, Чаир, Сарај и Град Скопје?
Општина Тетово која располага со еден од поголемите буџети на локално ниво, лани собрала 95,5% од планираните годишни приходи. Оваа општина во однос на наплата на даноците успеала да испорача реализација повисока од планираната а конкретно од данокот на имот остварувањето било 104,5%.
Општините Чаир и Сарај испорачале реализација на буџетските приходи и расходи под 90%. Ретки се локалните самоуправи кои успеале во целост да го наплатат или надминат годишниот план за наплата на данок на имот, пишува Порталб.мк во анализата на буџетите на Струга, Тетово, Чаир, Сарај и на Град Скопје.
Општина Струга во 2024 испорачала реализација на вкупните приходи на ниво од 93,9%. На приходната страна повеќе пари во однос на планот се собрани од данок на доход, додека потфрлање има кај наплатата на данок на имот кој во однос на планот е реализиран со 88,2%. Највисока приходна ставка во износ од 14,8 милиони евра се државните трансфери. На расходната страна реализацијата изнесува 93,7%. За исплата на плати и придонеси се потрошени 13,9 милиони евра а повисоки трошковни ставки се и „други градежни објекти“ и „поправка и тековно одржување“.
Реализација на Буџет 2024
Приходи Расходи
Општина Струга 93,9% 93,7%
Општина Тетово 95,5% 92,8%
Општина Чаир 85,7% 85,2%
Општина Сарај 86,2% 85,9%
Град Скопје 76,8% 75,6%
Извор: Министерство за финансии
Општина Тетово која располага со еден од поголемите буџети на локално ниво, лани собрала 95,5% од планираните годишни приходи. Оваа општина во однос на наплата на даноците успеала да испорача реализација повисока од планираната а конкретно од данокот на имот остварувањето било 104,5%. Годишните расходи во однос на планот се остварени на ниво од скоро 92,8%. Исплатата на плати и придонеси и кај оваа општина се највисока трошковна ставка кој го чинела буџетот 22,3 милиони евра а втора по висина на износ се „договорни услуги“ за што се исплатени нешто повеќе од 2,2 милиони евра.
Скопската Општина Чаир во економската 2024 реализирала 85,7% од планираните годишни приходи. Податоците покажуваат дека кај оваа локална самоуправа има позначајно потфрлување на наплатата кај сите клучни даноци – на доход, на имот, на специфични услуги. Конкретно, реализацијата на наплатата на данокот на имот во однос на планот изнесува 88,6%. На расходната страна буџетското остварување изнесува 85,2%. За исплата на плати и придонеси се потрошиле 15,9 милиони евра. По околу 1 милион евра се оделе преку ставките „комунални услуги, греење, транспорт“ и „поправки и тековно одржување“.
Реализација на приходи од данок на имот
Општина Струга 88,2%
Општина Тетово 104,5%
Општина Чаир 88,6%
Општина Сарај 75,9%
Град Скопје 71,7%
Извор: Министерство за финансии
Позначајно неостварување на приходите има и Општина Сарај, со годишна реализација од 86,2%. Во однос на планот повеќе пари се собрани од данок на доход, додека наплата на данок на имот е остварена со 75,9%. На расходната страна реализацијата изнесува 85,9%. За исплата на плати и придонеси во 2024 та оваа општина потрошила 8,9 милиони евра а позначајни трошковни ставки се и „други градежни работи“ и „договорни услуги“.
Во 2024 вкупните буџетски приходи на Град Скопје изнесувале 101,8 милиони евра и во однос на планот тие се реализирале со 76,8%. На приходната страна поголема наплата од планираната има по основ на данок на доход и даноци на специфични услуги додека потфрлување има кај данокот на имот, каде остварувањето изнесува 71,7%. Ставката „глоби и такси“ е реализирана со 24,6%. На расходната страна буџетот на Град Скопје лани се реализирал со стапка од 75,6%. За исплата на основни плати и придонеси се потрошиле 34,1 милион евра и оваа сума е пониска во однос на планираната на годишно ниво. Лани Град Скопје потрошил помалку пари од планираното скоро по сите основи – за договорни услуги, трансфери до јавни претпријатија, купување на опрема, поправки. Меѓу највисоките трошковни ставки се „субвенции до јавни претпријатија“ каде реализацијата изнесува 93,1%, ставката „други градежни објекти“ е остварена со 78%, а „договорни услуги“ со 72,5%.
Во 2024, на ниво на државата, расходите на сите општини заедно со Град Скопје се реализирале со 85,2%, а приходите со 86,5%.