ЧАИР И БУТЕЛ ОД ДЕНЕСКА БЕЗ ГРЕЕЊЕ Топланата Север прекина да ги топли зашто нема пари за гас
Доколку АД Скопје Север не сака да ги прифати истите услови кои важат за сите други субјекти кои испорачуваат топлинска енергија за над 58 000 потрошувачи, одговорноста за прекин на греењето на 500 потрошувачи кои ги снабдува во општините Чаир и Бутел паѓа исклучиво на АД Скопје Север, порачуваат од ЕСМ.
Топланата Север од денеска ја стопираше испораката на топлинска енергија за своите корисници. Како што информираа од компанијата немаат ниту пари за гас, ниту пак помош од државата.
И покрај направените напори и преговори од овластените лица од Друштвото Скопје Север АД Скопје сѐ уште не е обезбедена финансиската поддршка од АД Електрани на Северна Македонија (АД ЕСМ) во државна сопственост, со што се доведува во прашање понатамошното работење на Топланата Скопје Север АД Скопје.
– Од тие причини, односно без обезбедена финансиска помош од надлежните органи и институции за набавка на природен гас друштвото Скопје Север АД Скопје сметано од 13.11.2022 година ќе прекине со испораката на топлинска енергија до корисниците на подрачјето на Општина Чаир и Бутел – информираа од Скопје Север.
Услугите на оваа топлана ги користат 500 домови, 13 училишта, градинките и здравствените домови во Чаир, Бутел и во Топаана.
Од АД ЕСМ велат дека нема правен основ да му се дадат директни субвенции на АД Скопје Север, но дека можат да помогнат само преку договор за деловно техничка соработка кој приватниот субјект одбива да го потпише. Доколку АД Скопје Север не сака да ги прифати истите услови кои важат за сите други субјекти кои испорачуваат топлинска енергија за над 58 000 потрошувачи, одговорноста за прекин на греењето на 500 потрошувачи кои ги снабдува во општините Чаир и Бутел паѓа исклучиво на АД Скопје Север, порачуваат од ЕСМ.
– АД Скопје Север одби да го потпише договорот, затоа што овој субјект бара неповратни средства, односно смета дека треба да му се исплати финансиска помош која не треба да ја врати, иако АД ЕСМ истите средства ги должи кон државниот буџет. Скопје Север побарува субвенционирање директно од АД ЕСМ, кое нашата компанија ниту има правен основ, ниту смее да го прави, односно смее да постапува исклучиво по задолжението од Владата и во рамките на одобрениот договор од страна на Владата – велат од ЕСМ.
Оттаму нагласуваат дека Владата на 94-та седница донесе Заклучоци со кои го задолжи АД ЕСМ да склучи договор за деловно техничка соработка за грејната сезона 2022/2023 година, со иста содржина како и договорот склучен за 2021/22 година, со кој ќе се регулираат сите права и обврски на Друштвото Скопје Север АД Скопје.
– Со Договорот се предвидува АД ЕСМ да му помогне на приватниот субјект АД Скопје Север со средства од државниот буџет во набавката на гас за потребите на испорачување греење кон дел од корисниците на градот Скопје. Средствата треба да бидат обезбедени со гаранција од страна на АД Скопје Север – прецизираат од ЕСМ.
После потпишување на договорот и после правењето пресметки за цената за топлинската енергија кои треба да се достават во Влада и да се побараат субвенциите за грејната сезона 2022/23, додаваат, АД Скопје Север ќе ги добие субвенциите, исто како и топланите Исток, Запад и Енергетика.
– Од примените субвенции и од остварената наплата од потрошувачите, АД Скопје Север ќе треба да ги врати средствата кон АД ЕСМ, примени како помош со договорот – прецизираат од ЕСМ.