📷 ЧАД ГО ПРЕКРИ АВТОПАТОТ, ВОЗИЛАТА СТОЈАТ Пожарите го блокираа сообраќајот Скопје–Куманово во двата правци

Поради пожари предизвикани од искри на далноводи, сообраќајот на автопатот Скопје–Куманово е целосно во прекин. Надлежните служби се на терен, а поради временските услови, авионите и хеликоптерите не можат да се вклучат во гаснењето.

3,420

Густ чад од активните пожари го блокираше автопатот Скопје–Куманово, со што сообраќајот во двата правци е целосно прекинат – информира Автомото сојузот на Македонија.

Според сведоштва и фотографии на граѓаните на социјалните мрежи, видливоста е речиси нулта – коловозните ленти не се гледаат од густата чадна завеса.






Центарот за управување со кризи потврди дека причина за пожарите е искрење на електрични жици од далноводи, предизвикано од силен ветер кој го зафати регионот.

– На повеќе локации во Скопје и во Куманово е регистрирано искрење од далноводи, што предизвика пожари на отворено. Сите надлежни служби се веќе ангажирани – информираат од ЦУК.

Фото: Принтскрин

Најпогодени се подрачјата во Кумановскиот регион: Романовце, Агино Село, Табановце, Шупњи Камен, Младо Нагоричане и Стрновац, како и Општина Старо Нагоричане.

Фото: ЦУК

Во скопскиот регион се активни пожари помеѓу Индустриската зона Бунарџик и рафинеријата Окта, а дополнителни пријави има и за: пожар кај Фазанерија и Катланово (в. Тотинци, Општина Петровец), улица Перо Наков, кај објектот Космос (Општина Гази Баба), кај село Кучково (Општина Чучер Сандево), атарот на село Трновец, кај фирмата Крива Река (Општина Кратово).

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека поради временските услови авионите и хеликоптерите за гаснење не можат да бидат вклучени.

– Ситуацијата е сложена. Ќе добиеме повеќе информации откако ќе пристигнеме во Мршевци. Во моментов, човечките ресурси се единствено на располагање – рече Ангелов.

📷 📽️ ГОЛЕМА ОПАСНОСТ ВО СКОПСКО И ВО КУМАНОВО Пожари на неколку локации, ЦУК со вонредна информација

Поврзани содржини