Центри на (не)моќ или немоќна држава?
Повеќе од јасно е дека локалните центри на немоќ ја играат оваа подла потпалувачка игра токму поради политичката немоќ и интелектуалната зарибаност, поради завист и свест дека уште долго време ќе останат на маргините на историјата и случувањата во државата, а особено поради тоа што буџетот е веќе далеку од нивните криминални раце.
Апсолутно не ми паѓа на ум да спорам со наодите на одредени државни служби, со премиерот Мицкоски или со министерот Тошковски, па ни со Ангелов – кој, патем, е апсолутно во право за пожарите! – зашто по дефиниција тие би требало да знаат за што говорат. Граѓаните немаат, па и не можат да имат, поинакви информации, затоа нивните наоди ги земаме здраво за готово. Оние пак кои мислат дека „вистината“, или фактите (ако така повеќе ви се допаѓа), лежат на друго место, тоа треба гласно но и јасно да го кажат. Некои тоа го прават „на слепо“, по партиски диктат без оглед на фактографијата, други не се осмелуваат ни тоа да го направат. Бедници.
А меѓу нив токму оние од куќниот совет на чело со „хирургот“ како „лидер“, кои се затскриваат зад флоскули како од времето на Информбирото, како онаа гревка Шукова, па онаа со маска божем падната од Марс додека нејзините шефови се забавуваа во т.н. Парк на Франкофонијата токму во времето на „најголемото загадување“ на главниот град… Апропо, каква, да простите, културна депонија е тоа, со такво звучно име, инсталирано од коекакви билмези кои не знаеле ништо попаметно да направат за културата во Скопје, а во чест на Франција. Господ да чува и да брани. Која Франција, оваа на Макрон, и на оној нивнион бивш амбасадор кој сѐ што направи беше да подели неколку „ордени“ на локални шушумиги? Па ве молам, зарем на тоа спаднавме!
Но, како што реков, немам намера и не можам да спорам со претставниците на власта зашто тие би требало да знаат што говорат. А впрочем, тоа често – а треба почесто! – го покажуваат и со слика! Но мислам дека македонскиот граѓанин веќе сериозно прашува зошто власта останува само на „мерките“ на одговор односно објаснувања и не презема соодветни други заштитни активности? Зашто низ државата се шират и многу други „пожари“, не само оние во депониите: „пожари“ низ медиумите кои потпалуваат атмосфера на катастрофичност во државава, „пожари“ што шират говор на омраза, лаги и дезинформации, заплашувачки „пожари“… итн.? И кој, одново и одново, додава нови искри на „пожарот“ што упорно бара некаква друга „правда за Кочани“ после толку притвори, подготвено обвинение и закажано судење? Или сега улиците и плоштадите ќе бидат полиција, обвинителство и суд?!
А ќе има уште вакви и слични „пожари“ како што ќе се наближуваат изборите. И? Ние сме должни да ги слушаме сите како се надмудруваат преку медиумите?
Или, ако државата можеби не ги знае оние центри на моќ надвор од нејзините граници, зарем навистина не ги гледа овие локални центри на немоќ чијашто агенда е видлива со голо око? Или државата нема доволно ингеренции, нема законска основа за таков вид интервенции, што пак ја прави – немоќна држава? Не би рекол. Или им треба малку повеќе смелост? Ама тоа граѓаните им го дале тогаш кога требало, на избори! Оттука, што друго им треба? Стравуваат дека онаа пародија викана еу (малите букви се соодветни на нејзиниот статус денес) ќе ги прогласи за недемократи и ќе им го попречи евроинтегративниот процес повеќе од ова што веќе го прави? Та белки не се толку наивни?!
На пример, какви дополнителни овластувања им требаат да ги замолчат оние кои намерно, со одредена цел, предизвикуваат паника кај населението, шират страв и атмосфера на безизлез, раскажуваат лаги за некакви катастрофични сценарија и внесуваат немир во секојдневието на граѓаните? И тоа токму во мигот кога некакви смешни суштества со маски на лицето држат прес конференции за некакво загадување – инаку предизвикано од фирми на кои тие им дале дозволи за работа! – а нивните шефови играат и пеат на концерт?
Впрочем, зарем треба граѓаните да објаснуваат дека власта не подразбира само активности што на контото ќе бележат секакви плусови, туку и акции кои на прв поглед наликуваат на недемократски операции, но во крајна линија се сепак насочени кон безбедноста на граѓанинот? Па во таа насока, кои се тие медиумски „центри на (не)моќ“ кои во централните вести шират лаги и катастрофични сценарија низ државава, или кој тоа му дошепна на еден уредник-водител уште на 13 септември, пред која и да е државна или друга институција да знае детали за пожарот, дека „опасен чад се шири на небото над скопската котлина“? Или дека „смрди на токсини по огновите на депониите…“? Ај што е одвај писмен, ама од каде овие информации што така лефтерно дел од медиумите ги пласираа(т) во етерот со цел да сеат паника? Или имаа(т) и друга цел, и која е таа?
Или, ако баш сакате, ако „околу 200 закони и најмалку 3 милијарди евра инвестиции ја делат Македонија од 2017 година од стандардите на европската унија за здрава животна средина“, како истиот медиум, но и другите од групацијата на онаа „пајтон интелигенција“, не посочат кој тоа глумеше власт во државава од таа 2017 година па до 2024? Мицкоски, Сиљановска-Давкова, ВМРО-ДПМНЕ… кој?
Единствената односно најголемата моќ на државата покрај другите механизми е – вистината. И без оглед што постмодерните „филозофи гоедари“ (Цепенков) пелтечат за многу вистини и уште повеќе реалности, онаа проста, едноставна вистина е моќно оружје коешто оваа власт ретко ја употребува. И наместо „објаснувањата“ за центрите на (не)моќ, тие мора поименично да се обзнануваат: партии, медиуми, поединци, неформални групи, бизнис групации… Само тогаш граѓанинот, јавноста, ќе има доверба и ќе ги оправда интервенциите на власта. Сето друго, она надмудрување од типот „што би било кога би било“, е изгубено време и стеснет простор за акција. Па дури и онаа никаква еу умее решително да се справува со таквите предизвици!
И впрочем, повеќе од јасно е дека локалните центри на немоќ ја играат оваа подла потпалувачка игра токму поради политичката немоќ и интелектуалната зарибаност, поради завист и свест дека уште долго време ќе останат на маргините на историјата и случувањата во државата, а особено поради тоа што буџетот е веќе далеку од нивните криминални раце. Сето тоа не е никаква тајна ни за македонскиот граѓанин, свесен дека ова се веројатно последните налудничаво монструозни обиди на една групација да потпали поголем пожар во државата. Затоа се и вака очајнички. Но тоа не смее да ја сопре власта во активирањето на сите одбранбени механизми што им се на располагање согласно Уставот и законите.
Ако пак и оваа опасна состојба се разводни со „дај ми го, на ти го“ како што беше играта со оние шушумиги во Судскиот совет, па со јавниот обвинител, па ќе ги молат да престанат со пожарите, па ќе им нудат некакви компензации…, тогаш веќе говориме не само за центри на немоќ туку и за – немоќна држава!
Извор: Теодосиевски уметност