ЦЕНТАР ВО ЧЕКОР СО ГРАЃАНИТЕ Герасимовски најавува „центарска картичка“ и зголемена поддршка за пензионерите и семејствата

Електронската картичка ќе нуди попусти кај локалните бизниси, а во 2026 година се очекуваат и нови мерки за образование, здравје и подобар стандард на живот.

135

Градоначалникот на Општина Центар, Герасимовски, најави воведување на новитет – „центарска картичка“, како дополнителна услуга за жителите и како поддршка на локалниот бизнис-сектор.

– Воведуваме центарска картичка како дополнителна услуга за жителите на Општина Центар, но и како директна поддршка и промоција на локалниот бизнис-сектор. Со оваа картичка граѓаните ќе добиваат попусти и поволности на одредени производи и услуги – истакна Герасимовски во интервју за Дневник на Сител, најавувајќи низа мерки за подобрување на животниот стандард во 2026 година.






Картичката ќе биде електронска и уникатна за секој жител, со сопствен бар-код. Таа ќе може да ја користат исклучиво жители на Центар, а бенефициите ќе важат само кај правни субјекти регистрирани во општината.

– Со картичката ќе можат да се добијат попусти во институции како театри, музеи, галерии, локални бизниси од здравство, фармација, козметика, фитнес, правни услуги, угостителство, мода, велосипеди, храна и други, за граѓаните да добијат конкретни поволности за своите потреби – појасни Герасимовски.

Постапката за воведување на картичката се планира да започне во средината на јануари или почетокот на февруари, додека пуштањето во употреба се очекува во март.

Освен „центарската картичка“, Герасимовски најави и други мерки за поддршка на семејствата и образованието во 2026 година:

Еднократната парична помош за пензионерите со ниски примања се зголемува од 2.500 на 5.000 денари.

Поддршката за новороденчиња се зголемува од 7.000 на 10.000 денари.

Во образованието се воведува бесплатен топол оброк за учениците во основните училишта, ученички екскурзии низ државата, и зголемување на стипендиите: за талентираните ученици за 1.000 денари, а за учениците од социјално загрозени семејства за 1.500 денари.

– Нашата цел е да ја подигнеме квалитетот на животот во општината и да обезбедиме конкретни мерки кои ќе им помогнат на граѓаните, од пензионерите до семејствата со деца – додаде градоначалникот.

Поврзани содржини