ЦЕНТАР ПОВТОРНО ЌЕ ДИШЕ Лабудовиќ вети катна гаража кај Буњаковец и на други локации
Ќе се воведе резидентен и комерцијален паркинг систем што ќе им даде приоритет на жителите, но и ќе донесе ред во паркирањето на центарските улици.
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, најави серија конкретни проекти со кои ќе се стави крај на долгогодишниот сообраќаен хаос и ќе започне ново поглавје во урбаното уредување на општината.
– Секојдневниот метеж, хаосот на улиците и борбата за паркинг станаа симбол на Центар. Пешаците немаат каде да поминат, велосипедистите се борат за простор, а возачите се движат низ преполни улици без ред. Време е да се стави крај на тоа. Време е Центар повторно да дише – изјави Лабудовиќ.
Во фокусот на проектите се реконструкција и целосно преуредување на клучните улици во населбата Буњаковец – Христо Смирненски, 9 Мај и 20 Октомври. Со нов асфалт, модерни тротоари, повеќе зеленило и урбана опрема, овие улици ќе го добијат изгледот што го заслужуваат, а граѓаните – безбедно и удобно место за живеење.
Ќе се воведе резидентен и комерцијален паркинг систем што ќе им даде приоритет на жителите, но и ќе донесе ред во паркирањето на центарските улици. Преку нови правила, ред и дигитални решенија, ќе се елиминираат хаотичните сцени со возила на тротоари, тревници и премини.
Како дел од концептот за паметна мобилност, ќе биде воведен смарт-паркинг систем со дигитална контрола, апликација и фер наплата, што ќе им овозможи на граѓаните во секој момент да видат каде има слободни паркинг-места и да го планираат движењето без непотребно губење време и нерви.
Посебен акцент е ставен на изградбата на катна гаража во Буњаковец, како и на други локации во Центар, што ќе овозможи растоварување на улиците и конечно ќе се воспостави ред во паркирањето.
– Ова не се празни ветувања, туку реален и издржан план што ќе го промени секојдневието на граѓаните. Центар мора да стане општина на функционални улици, безбедни пешаци и достапен јавен простор. Време е да ја вратиме современата слика на Центар – општина што дише, се движи и живее по нови правила – порача Лабудовиќ.