ЦЕНТАР ЌЕ СТАНЕ ЗЕЛЕНА ОПШТИНА Горан Герасимовски ветува формирање „маалски патроли“ за одржување чисти паркови и улици
Ќе обезбедиме „маалски патроли“ кои ќе бидат задолжени за грижа и за заштита од уништување на јавното добро, рече Горан Герасимовски, кандидат за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ.
Општина Центар ќе добие ново и поголемо зеленило, чист јавен простор, капитални проекти, организирана урбанизација и повеќе резидентни паркинг места. Ова го најави кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ и Коалицијата, Горан Герасимовски, на својата прва прес-конференција со која ја почна изборната кампања за локалните избори.
Тој ја претстави програмата која брои пет клучни столба и решенија за најголемите проблеми на граѓаните во Општина Центар.
– Прво, решавање на проблемот со уличната хигиена. Со проширување на дејноста на ПОЦ во комунално претпријатие, општината ќе обезбеди чисти улици и паркови секаде и во секое време. Ќе обезбедиме „маалски патроли“ кои ќе бидат задолжени за грижа и за заштита од уништување на јавното добро. Второ, граѓаните заслужуваат повеќе, но пред сè загарантирани резидентни паркинг места. Затоа, се обврзувам да обезбедиме целосно нови паркинзи на најпроблематичните места во Дебар маало, Буњаковец и во Капиштец. Трето, ќе се залагам за хумана урбанизација со заштита на јавните простори и земјиштето во сопственост на општината. Четврто, силно вложување во капитални инвестиции меѓу кои обнова на најмалку десет енергетско-ефикасни фасади уште во првата година, а вкупно 30 до крајот на мандатот. И петто, директна комуникација со граѓаните која ќе помогне во решавање и задоволување на сите потреби – изјави Герасимовски.
Тој посочи дека петте столба во програмата се резултат на разговорите, средбите и конструктивниот дијалог кој самиот ги остварил во изминатиот период. Тој потенцираше дека внимателно, со добро осмислени проекти, без лажни и помпезни ветувања, следува забрзан развој и подобар квалитет на живот во општината.
На прес-конференцијата Герасимовски ги претстави и кандидатите за советници чиј носител е Андријана Будимир-Филиповски, професионален ракометен тренер, и за сите останати рече дека со своето искуство и знаење во различни области, се обврзуваат да работат чесно и одговорно, во интерес на граѓаните.
За крај, Герасимовски рече дека следат многу значајни избори, но верува дека СДСМ ја има најдобрата понуда, а граѓаните ќе бидат водени по принципите на отвореност, отчетност и чесност и заедно ќе продолжат по патот на развојот на Општина Центар.