ЦЕНТАР ДОДЕЛУВА 10.000 ДЕНАРИ СУБВЕНЦИИ ЗА ПОЛАГАЊЕ ВОЗАЧКИ ИСПИТ Право на надоместокот имаат младите на 18 и 19 години
Со овие субвенции ги мотивираме младите навремено да го положат возачкиот испит и безбедно да се вклучат во сообраќајот, вели градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Општина Центар и оваа година доделува субвенции за млади лица за полагање возачки испит од Б-категорија во автошколите што се регистрирани на подрачјето на општината.
Право на субвенција имаат жителите на Центар кои во текот на 2026 година навршуваат 18 и 19 години (родени во 2007 и 2008 година), како и лицата кои во 2025 година навршиле 19 години (родени во 2006 година), а кои уплатата за полагање на возачкиот испит ја извршиле во 2025 година.
Висината на субвенцијата изнесува 10.000 денари со вклучен персонален данок, а се користи исклучиво за полагање возачки испит Б-категорија.
– Со овие субвенции ги мотивираме младите навремено да го положат возачкиот испит и безбедно да се вклучат во сообраќајот. Ова воедно е олеснување за семејниот буџет, бидејќи добивањето возачка дозвола е прескап процес, но во исто време неопходен за секој млад човек – вели градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Барањата со комплетна документација може да се доставуваат во архивата на Општина Центар, во барака број 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на телефонскиот број 02/3203-600.