ЦЕНОВНИОТ ПРИТИСОК РАСТЕ, ГОРИВАТА ДО ПЛАФОН Транспортерите ги гаражираат камионите

Возачите и сопствениците на фирмите трошат лични средства, ги вложуваат за да ги задржат фирмите.

6,909

Инфлацијата ќе се зголемува, но просечната стапка нема да надмине 3 отсто. Ова се очекувањата на аналитичарите наведени во новото анкетно истражување на Народната банка. Јасно е дека и Македонија не е поштедена од ценовното цунами – поскапи горива, метали, увозни производи, пишува „Порталб“.

Дали овој бран е од привремен карактер и дали Владата има план за ублажување на последиците од евентуалната растечка инфлација?






„Во однос на инфлацијата, очекувањата за 2021 година упатуваат на просечна стапка од 2,8 отсто, наспроти 2,3 отсто во претходната анкета. Повисоки се и очекувањата за 2022 и 2023 година, односно испитаниците очекуваат дека стапката на инфлација ќе изнесува 2,5 отсто во 2022 година (2,1 отсто во претходната анкета) и 2,3 отсто во 2023 година (2,0 отсто во претходната анкета)“, се неведува во новата Анекта инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП што ја објавува Народната Банка.

Ценовниот притисок засилува. Минатата недела цените на горивата достигнаа ново рекордно ниво.„Eуросупер БС 95“ се продаваше за 75,5 денари за литар а „еуросупер БС 98“ за 77,5 денари по литар. Цената на горивата заедно со цената на електричната енергија  се едни од клучните инпути од кои зависат и цените на основните прехранбени.

Од  Здружението на транспортери „Макам-транс“ велат дека се соочуваат со големи проблеми – од една страна поради ковидпандемијата не можат да ги зголемат цените а од друга страна  транспортните фирми бројат загуби, дури некои и се затвораат.

– Голем дел од транспортните фирми се борат за опстанок. Кога во Европа цените на горивата се намалија, кај нас се зголеми акцизата. Тогаш не бевме во состојба да реагираме со поскапување на транспортот поради пандемијата. Сега цените на горивата растат секаде во светот – ние повторно не можеме да реагираме поради неколку причини.  Дел од фирмите сѐ уште не работат со полн капацитет па на пазарот има поголема понуда од побарувачка за транспортни услуги. Дополнително- голем дел од нашите професионални возачи веќе  заминаа во страство – работат за странски фирми. Во вакви услови не можеме да ги зголемиме цените иако корисниците на транспорт, значи фирмите, веќе го пресметуваат, вградуваат ценовнитот раст во крајните производи – вели Билјана Муратовска од „Макам-транс“.

Таа алармира дека дел од фирмите веќе ставаат клуч на врата.

 – Транспортниот сектор се соочува со големи проблеми. Има фирми кои се одржуваат во живот само поради поврат на ДДВ, но има фирми кои веќе се затвораат зошто не можат да опстанат, нема работа а и таа што ја има не е исплатлива. Возачите и сопствениците на фирмите трошат лични средства, ги вложуваат за да ги задржат фирмите. На годишно ниво и по 10 отсто од побарувањата што ги имаме не можеме да ги наплатиме  – вели Муратовска.

Додека транспортерите се борат за опстанок без да ги зголемат цените – крајните производи, особено увозните веќе се поскапени. Но поскапување има и кај домашни производи – во млечната, пекарската индустрија и индустријата за масло.

Од јануари до септември годинава во споредба со истиот месец лани трошоците на живот ( инфалција)  најмногу се зголемени за маслата и мастите за дури 23,2 отсто и кај течните горива за 24,1 отсто .

               Трошоци на живот ( јануари-септември 2021/2020)

Течни горива                                                24,1%

Масла и масти                                              23,2%

Услуги за сместување                                 24,0%

Зеленчук                                                        4,7%

Тутун                                                                6,4%

Во анализираниот период, од  јануари до септември 2021 година  во однос на истиот во 2020 година, трошоците на живот според Заводот за статистика се зголемени за 2,8 отсто – или толку изнесува инфлацијата. Цените на мало во анализираниот мериод се зголемени за 3,7 отсто.

Економистите лоцираат повеќе фактори кои придонесуваат за  растечка инфлација.

„Испитаниците ги објаснуваат своите инфлациски очекувања пред сѐ со постепеното стабилизирање на состојбата предизвикана од пандемијата на ковид-19 којашто би довела до зголемена домашна побарувачка, како и повисоките цени на увезените добра, како што се цените на храната и енергијата. Исто така, испитаниците сметаат дека монетарните и фискалните мерки, и растот на платите би придонесле кон повисок раст на инфлацијата – се наведува во Анкетата на НБМ.

Состојбата со ценовниот притисок будно се следи но засега Народната банка нема да преземе мерки за евентулано затегнување на монетраната политика .

„Остварувањата кај инфлацијата се нешто повисоки од очекувањата и заедно со нагорните ревизии кај увозните цени укажува на ризици за умерено повисока инфлација од проектираната од 2,2 проценти“ – соопштија од НБМ со што најавија нагорно ревидирање на стапката на инфлација.

Сепак – засега мерки нема да се преземат.

„Во отсуство на притисоци од страната на побарувачката, умерените нагорни придвижувања на инфлацијата засега произлегуваат од фактори на страната на понудата. Оттука, засега не се оценува потреба од монетарна реакција на овие ценовни движења, но ќе продолжиме внимателно да ги следиме“, информираа од  Народна банка чија клучна улога е задржување на ценовната стабилност а со тоа и стабилност на домашната валута.

Земјите од регионот и од светот се соочуваат со ценовно цунами но и со енергетска криза – домашните економистите сметаат дека сепак ценовниот притисок е времен карактер  и дека по стабилизирање на пандемијата, веќе со завршување на зимата се очекува и стабилизација на цените. Од Владата најавија можен ребаланс на Буџетот за реалокација на средства со кои би се ублажиле последиците од ценовниот бран.

Поврзани содржини