ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВЕЌЕ НИКОГАШ НЕМА ДА БИДАТ КАКО ПОРАНО Владата ветува поевтина храна без да ги пресмета сите трошоци

Бизнисмени велат дека граѓаните во иднина нема да видат цени на прехранбени производи како во 2021 година, односно пред кризата, но ќе има намалувања соодветни на учеството на цените на репроматеријалите, струјата и другите параметри кои влегуваат во крајната цена на производот.

609

Откако владата се закани дека ќе ги повлече субвенциите за струја на компаниите кои не ги намалиле цените на производите за договорениот процент, дел од прехранбениот сектор повикува владата да ги искористи инспекторите и да провери дали има основа тие да бидат казнети, но дел од компаниите велат дека и покрај поевтината струја нема услови за намалување на цената бидејќи цените на увозните суровини се високи. Граѓаните се незадоволни бидејќи не гледаат поголемо намалување на цените.

Министерот за економија Крешник Бектеши деновиве се закани дека за две недели ќе се одлучи дали ќе се казнуваат компаниите кои користат евтина струја и кои не ги намалиле цените. Тој најави и анализа на фактичката состојба до крајот на месецов.






– Ако нема намалување на цените ќе се доведеме во состојба да ја укинеме поддршката за струјата. Во одлуката можеме да бидеме селективни со тоа што ќе ги исклучиме од субвенции за струја оние компании кои не ги намалиле цените за производите во договорениот процент. Дел од компаниите веќе ги намалија цените на производите како што е договорено од 7 до 12 отсто па тие и натаму ќе добиваат субвенции – рече Бектеши.

Компаниите, пак, го тврдат спротивното, дека ги намалиле цените според процентот на учество на цената на струјата во крајната цена на производот.

Владата најави казни, компаниите велат дека цените се намалени

Од мелничко-пекарската индустрија тврдат дека цените се намалени соодветно на учеството на струјата од околу 5 отсто и дополнително за уште некој процент поради конкуренцијата и поевтините репроматеријали вградени во нивите производи.

– Цените кај пекарската индустрија се намалени од 5 до 16 отсто. На пример, лебот кој чинеше 45 денари сега чини 42 денари, оној од 52 денари сега чини 50 денари… Кај мелничката индустрија цените се намалени од 10 до 15 отсто. Зборуваме за брашното кое се користи во индустријата. За пакуваното брашно секоја мелница ги утврдува цените според своите пресметки. Не треба да се заборави дека дел од мелниците имаат резерви од производи кои се произведени со скапи репроматеријали и за нив не можат да ги намалат цените. Овие резерви веќе се трошат и видливо е намалувањето на цените. Но, да бидеме јасни, цените се намалуваат и поради конкуренцијата и пониските цени на репроматеријалите – вели Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничко-пекарска индустрија на Стопанската комора.

Според него, институциите имаат механизми да го проверат ова тврдење, пред да се закануваат со казни.

– Има инспекции и тие нека ги посетат компаниите, како што тоа редовно го прават изминативе месеци, и нека утврдат кој се придржува, а кој не на договорот. Тогаш и нека се казнуваат ако има потреба – вели Малишиќ.

Тој додава дека граѓаните во иднина нема да видат цени на прехранбени производи како во 2021 година, односно пред кризата, но ќе има намалувања соодветни на учеството на цените на репроматеријалите, струјата и другите параметри кои влегуваат во крајната цена на производот.

– Треба да се овозможи да помине периодот кога ќе проработи конкуренцијата за да почнат да се намалуваат цените, но да бидам јасен и покрај тоа што цените на суровините почнаа да се намалуваат, тие не се на нивото од претходните години. Тоа значи дека граѓаните веќе не треба да се надеваат на враќање на цените од пред кризата, туку за проценти кои ќе се утврдат по пресметките на сите параметри кои влегуваат во цената – вели Малишиќ.

И млечната индустрија ги намали цените на производите. На рафтовите во продавниците се регистрираат пониски цени на млекото, сирењето и на другите производи.

Струјата е само дел од цената на производот, увозните суровини го диктираат темпото

Бизнисмените велат дека струјата има различно учество кај различни производи, но најзначајно е тоа какви се цените на суровините. Од сето тоа зависи и процентот на намалување на цената.

– Тренд е во светот на намалување на цените на суровините. Овој месец ќе има тренд на намалување на цените не само на маслото и на брашното, туку и на другите производи, особено на месото – вели бизнисмен.

Од месната индустрија која е посочена дека не ги намалила цените велат дека нема причина за намалување поради високите цени на суровините.

– Секторот за месна индустрија е речиси целосно зависен од увозот на суровини. Околу 85% од замрзнатото месо за преработка, било да е пилешко, говедско или свинско, се купува од преку океанот, Канада и Бразил. Високата цена на производите купени во странство според берзата, продолжува да ја диктира високата цена на пазарот – неодамна изјавија од месната индустрија.

Производителите, увозниците и трговците главно се придржуваат на пропишаните маржи. Тоа го констатира Државниот пазарен инспекторат во контролите за јануари и за периодот од октомври лани до 10 јануари.

„Според Одлуката за ограничување на маржата кај основните прехранбени производи, во јануари 2023 година извршени се над 300 инспекциски надзори и не се забележани отстапувања од предвидените ограничувања за маржата“, се наведува во јануарскиот извештај.

Инспекторатот ја утврди истата состојба и во вкупниот извештај кој го опфаќа периодот октомври лани до 10 јануари во кои се опфатени податоци за 707 инспекциски надзори.

Нема пречекорувања кај маржите, тврди пазарниот инспекторат

„Во овој период констатирано е дека производителите, увозниците и трговците на мало и големо се придржуваат на највисоката утврдена маржа од 5% и 10% на производите наведени во Одлуката, односно маржа до 5% во трговијата на големо и трговијата на мало за леб бел (сечен на парчиња или цел), шеќер бел и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) и маржа до 10% во трговијата на големо и трговијата на мало за брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, јајца од кокошка, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт“, се наведува во извештајот.

Инспекторите забележале и тренд на намалување на цените на основните прехранбени производи.

Граѓаните, пак, се незадоволни од малиот процент на намалените цени на дел од производите чија цена ланската година драстично скокна поради високата цена на струјата, а за одделни производи не гледаат намалување туку раст на цените.

– Не гледам дека нешто се мрднало кај цените иако владата вели дека има намалување, освен кај маслото за јадење и лебот. Има мало намалување и на цената на млекото и млечните производи. Не гледам намалување на другите производи. Но и овие намалени цени се високи, ако се споредат со цените од пред една година, бидејќи нашиот стандард остана ист – вели граѓанин.

Од околу 1.000 компании за производство на храна, само 230 компании добиваат субвенционирана струја, но надлежните велат дека сите производители треба да ги намалат цените за 7-12%. Оваа владина мерка која е за период од 5 месеци го чини буџетот околу 3,5 милиони евра.

Меѓународната агенција за храна и земјоделство ФАО веќе објави дека цените на храната на светските берзи се намалуваат девет месеци по ред. Но, во Македонија една година трошоците за живот се зголемени за 20 отсто, а најголема тежина во оваа инфлација има токму поскапувањето на храната.

Поврзани содржини