Цената на слободата

Прст пред око не се гледа во апсурдно матната „историска зделка“, ама тие знаат дека ние ќе сме скокале од радост. Брисел нѐ чека, а ние бараме влакно во европското јајце!

693

Ние по правило милуваме да ги игнорираме минатото и историјата не само заради фактот што не успеваме и нив да ги провреме низ „иглените уши“ на нашата позната историска неписменост и современо политикантство, но и заради тоа што тие историски искуства во миг би ги урнисале сите минорни „политики“ на актуелната власт и уште еднаш, отворено, би им ја плеснала в лице нивната тотална неукост и неспособност. Зашто, сегашнава отворена лицитација – метафоричка но и реална – за цената на слободата на државата сведочи токму за тоа: неспособните, неуките, коруптивните и аморалните структури преоблечени во европрогресивци не умеат на друг начин да се справат со проблемите.

Затоа и ова неумесно и крајно бласфемично наддавање за сѐ во државава: од онаа мутантна група за уставни измени и задоволувањето на најниските националистички страсти на одделни малцинства, преку шизоидноно пелтечење за некакво „жртвување за националниот интерес“, па до најновиот изум со директор(к)ите на градинките како новопечени културно-уметнички цензори во редовите на власта. Сѐ во името и за потребите на македонските евроинтеграции. Отворена аукција – кој ќе даде повеќе! Сега и слободата добива цена.






Дури и да застанеа тука, ќе беше лошо. Но овие не умеат да сопрат во походот контра здравиот разум: несфатливо и целосно ирационално стасавме и до повикување на странска амбасада, „секогаш присутна во поддршката на реформските процеси“, и овојпат да интервенира и да го реши случајот! И, што е уште поинтересно, повиканите се одзиваат, делат лекции „за среќа“ и особено за „транспарентност“ и „законитост“ среде тотален мрак ала 1948. Прст пред око не се гледа во апсурдно матната „историска зделка“, ама тие знаат дека ние ќе сме скокале од радост. Брисел нѐ чека, а ние бараме влакно во европското јајце! Затоа, историскиот лозунг е повторно ист, или сличен, со советско-путиновски призвук: Кој не е со нас, против нас е; Татковината повикува, или Родина-мать зовёт, сеедно; Сите се болни, само ние сме здрави… итн.! А сега го дополнуваат и со најактуелниот, смислен веројатно во релација со „интервентната“ странска помош: кој е против „Бехтел и Енка“ е против НАТО и ЕУ. Ма немој.

Мислевме дека таквите политикантски граничници, тој диктат на квазиидеолошки конфронтации од типот „Тито да, Сталин не“ или „Кој не го брани ставот на нашиот ЦК, тој не стои цврсто на линијата на нашата Партија“, се минато. Не биле. Затоа и денес слушаме како мегафоните врескаат, како во времето на Резолуцијата од 1948та, дека тие не се сомневаат дека „(…) има доволно здрави елементи, верни на марксизмот-ленинизмот, верни на интернационалистичките традиции (…), верни на обединетиот социјалистички фронт.“ И дека нивна задача е да ги принудат нивните лидери и сите други „(…) отворено и искрено да ги признаат своите грешки и да ги исправат, да го напуштат национализмот, да му се вратат на интернационализмот и со сите сили да го зајакнат обединетиот социјалистички фронт (…)“. Каков историски вокабулар преточен во 21от век!

Само што сега таквите резолуции не ги пишува Сталин или неговите наследници, туку таканаречената „меѓународна заедница“. Секој нивни емисар, како и последниов од Германија, ни допишува по некој страв во ЕУ резолуциите. Сега и за нашата „неизвесна иднина“ ако еден грст Бугари не бидат внесени во Уставот! И со тоа, всушност, се занимава фамозната „демократска“ ЕУ и низ такви „параметри“ ја проценува не само иднината на нејзините потенцијални членки, туку и нивната самостојност, независност, слобода…! Просто, човек да праша: немаат ли тие луѓе попаметна работа во животот, за што добиваат плата? Кутриот Жан Моне, на какви наследници спадна: на „политики“ на заплашување, на уцени, на изнудувања… Истото може да се каже и за Јошка Фишер, Петра Кели, Јозеф Бојс… како некогашни видни предводници на Партијата на зелените во Германија, чиј претставник сега дели ум и закани низ Македонија.

Но, во принцип, а како што реков на почетокот, нашиве ретроградни европрогресивци се особено податливи за политикантски уцени. И „совети“ и „поуки“ од секаков тип, само за да се постигне целта. Којашто, де факто, никој и не ја знае, особено не нашиве слепи за минатото и иднината „елити“. Зашто, за нив сѐ е едноставно и лесно, дури и распродавањето на основните принципи/темели на државноста и слободата. А впрочем, нив тоа никогаш и не ги интересирало – тие имаат лични агенди штимани во дослух со инсистирањата на „меѓународната заедница“. И се одзиваат на зборовите: амнестирање на сите криминали доколку се исполни задачата!

Да се однесувале македонските политичари од поновата историја на таков начин, Македонија никогаш не ќе ја имала ни онаа 1945 година, ниту пак 1991 година. Да, времињата се различни, условите можеби уште поразлични, но целта била една. И тогаш, а би требало да е и – денес. Да имаа чувство за државност, слобода и демократија, актуелниве македонски политиканти – особено овие од последниве неколку години – ќе размислуваа(т) и ќе се однесуваа(т), меѓу другото, и со „ретроспективен ум“, низ не така дамнешни историски паралели. Ако не повеќе тогаш барем во однос на минатите политики на двата соседи, јужниот и источниот, и поуките од тоа минато. Ако не повеќе, тогаш барем т.н. Преспански договор ќе имаше една фуснота дека истиот престанува да важи доколку во рок од една година по неговото потпишување Македонија не ги започне пристапните преговори со ЕУ. Меѓутоа, тоа е „длабока вода“ за македонската политика, нели!?

Како што впрочем не беше тешко да се предвидат и некои потези на источниот сосед по потпишувањето од наша страна на онаков идиотски договор за „пријателство“. Особено пак ако се имаат предвид не така далечните историски релации. Но, и после сѐ, но и наспроти сѐ, сите во хор нѐ убедуваат дека тоа се само технички прашања, дека ништо страшно не може да се случи, дека  „изборот е едноставен – или интересите на партијата или европската иднина на македонската држава“! И кога сето тоа би било така…, како во бајките… зошто тогаш се потребни оние закани и заплашувања од европските емисари?

Но, и оние предупредувања од добронамерни експерти дека барањата на источниот ни сосед нема да сопрат со внесувањето на Бугарите во Уставот. Или, зошто никој не ги коментираат изјавите на важни луѓе во американската политика пред Комитетот за надворешни работи на Сенатот? Дека одлуките што треба да се донесат се „политички доста тешки“ (Шоле), или дека „Ова е најдобриот договор што го добивме. Тој е разумен, мислам засега“ (Ескобар). Што е тоа „доста тешко“ кога нашиве слепци нѐ убедуваат дека сѐ е лесно и безопасно, и зошто онаа додавка „мислам засега“ на Ескобар? А после, што ќе се случува после, или ние не треба да мислиме на тоа?

А всушност, ние можеби и не треба, ама идните генерации – мораат. Тие што ќе останат овде, се разбира. И на кои им е важна слободата, независноста, самостојноста… Да, знам, според нашите квазизападни лукративни „стручњаци“ такво нешто во современиот свет не постои, особено ако сте мала земја. И мали луѓе, како нив. Ама не сите се чувствуваат баш така и толку мали, нели? Белки некои од нас малку пораснаа?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини