Цената на храната продолжува да паѓа на светските пазари
Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечни промени во корпата на производи составена од шеќер, млеко и млечни производи, месо, масло и житарки, во април во просек изнесуваше 165,5 поени.
Цените на прехрамбените производи на светскиот пазар паднаа трет месец по ред во април, бидејќи економското и логистичкото влијание на пандемијата со ковид-19 резултираше со значително намалување на побарувачката за многу производи, соопшти Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечни промени во корпата на производи составена од шеќер, млеко и млечни производи, месо, масло и житарки, во април во просек изнесуваше 165,5 поени, што е намалување од 3,4 проценти во однос на март и три проценти пониско отколку во април 2019 година.
Цените на шеќерот паднаа на ниско ниво од 13 години, намалувајќи се за 14,6 проценти во однос на март, кога нивниот месечен пад беше уште поголем, се вели во соопштението на ФАО.
Падот на меѓународните цени на суровата нафта ја намали побарувачката за шеќерна трска, која се користи за производство на етанол, така што производителите се префрлија на производство на рафиниран шеќер, што влијаеше на растот на достапните количини за извоз. Притисокот за намалување на побарувачката, исто така, се засили со карантинските мерки воведени во повеќето земји со цел сузбивање на пандемијата.
Цените на растителното масло паднаа за 5,2 проценти во април, зајакнати од паѓањето на палминото масло и маслото од соја, како и маслото од репка. Ова, во овој случај, беше надополнето со намалената побарувачка за биогорива, како и со намалена побарувачка од прехранбениот сектор, со поголемо производство на палмино масло во Малезија и од соја во САД отколку што се очекуваше.
Цените на млечните производи паднаа за 3,6 проценти минатиот месец, при што цените на путерот и млекото во прав паѓаа со двоцифрени бројки, како резултат на зголемувањето на залихите за извоз, слабата побарувачка за увоз и намалениот обрт во рестораните во северната хемисфера.
Цените на месото се намалија за 2,7 проценти во април, бидејќи делумното закрепнување на побарувачката за увоз на Кина не беше доволно за да се спротивстави на падот на увозот на друго место во светот.
Што се однесува до житарките, нивните просечни цени забележаа пад, бидејќи цените на пченицата и оризот значително се зголемија, додека пченката забележа висок пад на цените.
Меѓународните цени на оризот скокнаа за 7,2 проценти во споредба со март, главно заради привремените ограничувања на извозот од Виетнам, кои подоцна беа укинати, додека пченицата се зголеми за 2,5 проценти по информациите дека Русија ќе го суспендира извозот бидејќи беше близу до исполнување на извозната квота.