ЦЕЛТА НЕ Е РЕПРЕСИЈА ТУКУ ПРЕВЕНЦИЈА Отворена јавна расправа за предлог-законот за пушење
Тутунот и никотинот остануваат водечка причина за превентабилна смрт, изложеноста на чад и аеросоли ги оштетува и тие кои не избрале да пушат, а новите никотински производи, аромите, агресивниот маркетинг и дигиталната промоција се насочени токму кон младите.
Министерството за здравство соопшти дека предлог-законот за заштита од пушење е објавен на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), каде сите заинтересирани граѓани и организации можат да учествуваат во јавната расправа пред неговото усвојување.
„Со овој закон отвораме суштинско прашање што директно го засега здравјето и иднината на нашите деца и младите. Фактите се јасни и неспорни – тутунот и никотинот остануваат водечка причина за превентабилна смрт, изложеноста на чад и аеросоли ги оштетува и тие кои не избрале да пушат, а новите никотински производи, аромите, агресивниот маркетинг и дигиталната промоција се насочени токму кон младите. Затоа, Министерството за здравство изготви нов Закон за заштита од пушење, чија намера не е казнување, туку превенција, јавно здравје и заштита на најранливите категории граѓани“ – оценува министерот за здравство, Азир Алиу.
Целта на новите законски измени, посочува министерот, е воспоставување контрола врз појавата и ширењето на новите тутунски и никотински производи, особено нивната агресивна промоција и лесна достапност. Истовремено, се воведува целосна забрана за рекламирање, промоција и спонзорство, се ограничуваат продажбата и изложувањето на тутунски и никотински производи, како превентивни мерки за поддршка на откажувањето од зависноста, и конечно, се зајакнува забраната за пушење во јавни и работни простории.
„Со овој закон испраќаме јасна порака дека здравјето е повисока вредност од било кој комерцијален интерес, дека здравјето на децата не може да биде предмет на профит, дека јавниот простор мора да биде безбеден простор. Воедно, законското решение е усогласено со европската регулатива и со меѓународните обврски што државата ги има преземено, принципите на Рамковната конвенција на Светската здравствена организација“ – се наведува во соопштението од Министерството за здравство.