ЦЕЛТА НА ВОЈНАТА Е ДА СЕ УБИЈАТ АЈАТОЛАХОТ ХАМНЕИ И ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕЗЕШКИЈАН Израел им заблагодари на САД за „историската и храбра одлука“
Медиумите во Иран објавија дека Хамнеи не е во Техеран и дека е преместен на безбедна локација, а Пезешкијан е жив и здрав.
Утринските заеднички воздушни напади на САД и Израел врз Иран беа насочени кон врховниот лидер ајатолахот Хомнеи и врз претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, изјави израелски функционер за Ројтерс.
Функционерот додаде дека и други високи команданти на режимот и армијата беа цел на нападот, без да ги именува.
Тој додаде дека сè уште не е јасно каков е исходот од нападот. Нема нови информации од Иран за состојбата на Али Хамнеи и Масуд Пезешкијан. Првичните информации беа дека тие се живи и здрави.
Ројтерс претходно објави, повикувајќи се на ирански функционер, дека Хамнеи не е во Техеран и дека е преместен на безбедна локација.
Иранската новинска агенција Тасним објави дека претседателот Пезешкијан е „во целосна здравствена состојба“, повикувајќи се на извор близок до претседателството.
Американскиот претседател Доналд Трамп по нападите изјави дека негова главна грижа е „слободата“ за иранскиот народ и дека САД работат на тоа Иран да стане „безбедна“ земја.
– Сè што сакам е слобода за народот – изјави Трамп за „Вашингтон пост“ во краток телефонски разговор.
На прашањето какво наследство сака да остави зад себе воената операција, тој одговори:
– Сакам безбедна земја и тоа е она што ќе го имаме.
Израелскиот претседател Исак Херцог утрово ги пофали американскиот претседател Доналд Трамп и американската војска.
Херцог му се заблагодари на Трамп за она што го нарече „историска и храбра одлука“ и изрази целосна поддршка за него и за премиерот Бенјамин Нетанјаху, за почнувањето заедничка операција против она што го нарече „водечката држава спонзор на тероризмот во светот“, обвинувајќи го Иран за децении терор и за неговата потрага по нуклеарно оружје. Тој изрази надеж дека операцијата ќе донесе „историска промена и подобра иднина“ за Блискиот Исток и светот.
Херцог рече дека израелскиот народ е силен и дека никој не може да им го скрши духот, и изрази поддршка за војниците на Израелските одбранбени сили (ИДФ), како и за американските војници вклучени во операцијата.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повика на промена на режимот во Техеран.
Во својата прва видео изјава за нападите на САД и Израел врз Иран, Нетанјаху апелираше до „целиот ирански народ“ да „го отфрлат јаремот на тиранијата и да донесат слободен и мирен Иран“.
Тој нагласи дека „заедничкото дејствување ќе создаде услови храбриот ирански народ да ја земе својата судбина во свои раце“.
Нетанјаху му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп „за неговото историско водство“.
– На овој убиствен терористички режим не смее да му се дозволи да се здобие со нуклеарно оружје што би му овозможило да го загрози целото човештво – рече Нетанјаху.
Бројни експлозии одекнаа утрово во Техеран и во неколку ирански градови. Според извештаите, меѓу целите биле канцеларијата на иранскиот врховен лидер Хамнеи и претседателската канцеларија во Техеран. Цел биле и воени објекти во Керманшах, Ком, Исфахан, Тебриз и во Карај, како и поморски инсталации во Кенарак на југот од земјата.
Израелските одбранбени сили претходно ги предупредија иранските цивили да ги напуштат областите во близина на воените инсталации пред нападот.
Се појавија и фотографии од Техеран на кои се гледа погодената зграда во областа Нармак, каде што живее поранешниот претседател Махмуд Ахмадинеџад. Не е познато дали е повреден.
Министерството за внатрешни работи на Иран соопшти дека безбедносните сили се подготвени да го одржат редот и дека бројни болници низ целата земја се во состојба на готовност.