Целосното почитување на човековите права е основа за членство во ЕУ (ВИДЕО)
Сметам дека пробацијата треба што поскоро да почне активно да се применува во Република Северна Македонија затоа што очигледно преку неа веќе е докажано дека на подолг период има поголема ресоцијализација на осудените лица, а со тоа го намалуваме и криминалитетот и кривичните дела, истакнува Тодоровски.
Преговорите за членство во ЕУ се очекува да почнат наскоро со променета методологија. За носечко се смета Поглавјето 23 кое што е директно поврзано со: правосудство, основни човекови права, родова рамноправност, слобода на изразување и борба против корупција.
Зоран Димов од Ромскиот деловен информативен центар истакнува дека основните човекови права, особено на членовите на помалите етнички заедници и тие кои што се во казнено-поправните домови, не се почитуваат соодветно.
– Нивниот супстандарден живот е многу проблематичен во затворите што се наоѓаат во Македонија. Проблемите со кои се соочуваат, а кои што ги истражувавме ние, е тоа што ќелијата во која што се наоѓаат нема доволно светлина, нема доволно вентилација, нема доволно медикаменти, лекови или медицинска помош за тие луѓе и она што е најпотребно, хигиената, која што не е присутна – истакнува Димов.
Правата се повредуваат и при одредување на мерката притвор, која според последните истражувања, бележи пораст во споредба со примената на останатите мерки за обезбедување присуство.
– Кога се определува мерката притвор, најчесто се оди кон оној законскиот максимум, односно 30 дена во редовни кривични постапки и осум дена во скратени кривични постапки. Треба да се направат напори да заживее законот за пробација и да им се даде на значење на останатите мерки за обезбедување присуство, односно истите да се користат секогаш кога целта може да се постигне и со нивната примена, а да се избегне примената на мерката притвор – вели Лејла Тутиќ од организацијата „Сите за правично судење“.
Според Васко Тодоровски од „Зелена лупа“ пробацијата е европска вредност која се применува во многу развиени земји и на подолг период дава одлични резултати.
– Согласно препораките од Поглавјето 23, согласно датумот за преговори, па и отпочнувањето на преговорите, пробацијата е силен аргумент дека ние сме една демократска земја која ќе ги почитува сите европски закони. Сметам дека пробацијата треба што поскоро да почне активно да се применува во Република Северна Македонија затоа што очигледно преку пробацијата веќе е докажано дека на подолг период имаме поголема ресоцијализација на осудените лица, а со тоа го намалуваме и криминалитетот и кривичните дела – истакнува Тодоровски.
Следното видео содржи повеќе детали за почитувањето на основните човекови права и нивната поврзаност со преговорите со ЕУ: