„ЦЕЛАТА ХАЈКА ПРОТИВ МЕНЕ Е ПОРАДИ БОНУСИТЕ ВО СЈО“ Суспендираниот обвинител Хајрулахи најавува жалба
Најодговорно и под морална, материјална и кривична одговорност тврдам дека единствената причина за целата хајка против мене се само бонусите против СЈО - вели поранешниот шеф на Вишото Хајрулахи.
Суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје Мустафа Хајрулахи ќе поднесе жалба до Советот на јавни обвинители во врска со денешката одлука на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност дека тој и уште еден јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје сториле тешки дисциплински повреди од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, односно намерно и неоправдано направиле крупни професионални грешки.
Во изјава за МИА Хајрулахи тврди дека единствената причина за целата хајка против него е постапката за бонусите за ангажираните во поранешното Специјално јавно обвинителство.
– Најодговорно и под морална, материјална и кривична одговорност тврдам дека единствената причина за целата хајка против мене се само бонусите против СЈО – вели Хајрулахи.
Запрашан како ќе ја коментира одлуката на Комисијата, тој обвини за притисоци кои наводно и се вршени на известителот Вјолца Елмази.
– Па како можам да ја коментирам освен да и се јавите на известителот Вјолца Елмази да ја прашате колку недели не е спиена од притисоците на Љупчо Коцевски за да даде таков предлог – рече Хајрулахи.
Тој рече дека по одлуката на Комисијата следува жалба до Советот на јавни обвинители, кој треба да формира Комисија од тројца членови кои ќе бидат воедно и известители по однос на предлогот па дури тогаш Комисијата со двотретинско мнозинство треба да одлучува по однос на доставениот предлог.
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, претходно соопшти дека Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција, по целосно спроведени две дисциплински постапки и испитани факти и околности, ги прифати предлозите поднесени од државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и одлучи дека вишиот јавен обвинител и уште еден јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје сториле тешки дисциплински повреди од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, односно намерно и неоправдано направиле крупни професионални грешки.
Врз основа на изведените докази, Комисијата утврди дека јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, против кого се водеше една постапка, нестручно и несовесно постапил во 4 предмети во кои се откажал од жалба или обвинение. За ова на овој јавен обвинител изречена му е дисциплинска мерка – намалување на плата во висина од 30% од платата во траење од 6 месеци од правосилност на решението, соопшто ЈОРСМ.
„За вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје, пак, се водеа две одвоени дисциплински постапки. Во едната од Комисијата утврди дека е одговорен поради констатирани неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје, а во другата за нестручните одлуки донесени во три од наведените предмети, бидејќи пред него биле реферирани и со негова согласност биле донесени одлуките. Со оглед на утврдените тешки дисциплински повреди во двете постапки одлучено е до Советот на јавните обвинители да биде поднесен предлог за разрешување на вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје“, се наведува во соопштението.
Единствено во однос на наводите за сторена уште една тешка дисциплинска повреда од Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје кои се однесуваа на нарушување на угледот на Јавното обвинителство, Комисијата одлучи дека постои застареност на предлогот.
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, врз основа на наодите за констатираните состојби од извршениот надзор во Вишото јавно обвинителство Скопје, во декември минатата година достави предлог за поведување дисциплинска постапка против шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје Мустафа Хајрулахи и јавниот обвинител Јован Цветановски заради нестручно и несовесно работење во четири предмети во кои се откажал од жалба или обвинение.
Хајрулахи беше суспендиран со решение на државниот јавен обвинител Коцевски, што беше потврдено и од Советот на јавни обвинители. Хајрулахи поднесе жалба, но му беше одбиена.
Суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство тогаш обвини дека кривичната пријава против него поднесена од страна на Републичкиот јавен обвинител, има тенденцијата да го отстрани и замолчи, како и да ги заплаши и другите колеги кои што постапуваат согласно законот, а се со цел, како што рече, да се донесат нарачани одлуки.
„Војната“ меѓу државниот јавен обвинител и вишите обвинители почна откако Хајрулахи јавно го обвини Коцевски дека му врши директен притисок каква одлука да донесе Вишото обвинителство во предметот „Бонуси за СЈО“, откако подносителот на пријавата ВМРО-ДПМНЕ поднесе жалба на претходната одлука на ЈО за гонење на организиран криминал и корупција дека обвинителите од СЈО не треба кривично да одговараат за бонусите кои ги земале.
За исплатата на бонусите во СЈО, Обвинителството за организиран криминал и корупција на чело со тогашната шефица Вилма Русковска отвори предистрага во 2019. Според извештајот на Државниот завод за ревизија, кој беше нарачан од Обвинителството за организиран криминал и корупција, од фондот на СЈО без законска основа им биле исплатени 4,6 милиони евра бонуси за тајност на специјалните обвинители и на други вработени.