„ЦЕЦА Е БУГАРКА, НЕЈЗИНОТО СЕЛО БЕШЕ ПОД ЕГЗАРХИЈАТА“ Стојанов од бугарската фондација се вмеша во дебатата за концертот
Тоа значи дека нејзиниот роден крај (селото Житораѓа), исто како и Велес, припаѓал на духовното и културното пространство на бугарската нација. Во тој контекст, нема ништо скандалозно во тоа што човек со такви корени го крева бугарското знаме – напротив, тоа е чин на признание кон сопствената историја, наведува претседателот на Фондацијата „Македонија“ тврдејќи дека Житораѓа до 1877 година било дел од Бугарската егзархија, во рамките на Нишката епархија.
Претседателот на бугарската Фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, изјави дека пејачката Цеца Ражнатовиќ по потекло е Бугарка, па затоа, според него, не треба да биде чудно зошто го развеала бугарското знаме за време на својот концерт во Велес.
Стојанов вели дека Светлана Ражнатовиќ, родена Величковиќ, потекнува од селото Житораѓа, место кое до 1877 година било дел од Бугарската егзархија, во рамките на Нишката епархија.
„Тоа значи дека нејзиниот роден крај, исто како и Велес, припаѓал на духовното и културното пространство на бугарската нација. Во тој контекст, нема ништо скандалозно во тоа што човек со такви корени го крева бугарското знаме – напротив, тоа е чин на признание кон сопствената историја,“ наведува Стојанов.
Фондацијата „Македонија“ истакнува дека секој има право да се гордее со своето потекло и со историската вистина.
„Бугарското знаме е симбол на култура, духовност и слобода – тоа не разделува, туку обединува,“ се вели во соопштението.
„Да не ја претвораме гордоста во омраза. Вистината не може да биде скандал,“ заклучува Стојанов.
Цеца вееше бугарско знаме на концертот во Велес откако истото ѝ беше врачено од непознат обожавател во публиката. Велешани остро реагираа и ја исвиркаа пејачката, а реакциите не стивнуваат по инцидентот.