Ние сме во постојана координација со Комисијата за заразни болести преку Министерството за здравство и токму затоа што се динамични бројките, одлучивме второто полугодие да започне на ист начин како што заврши првото, истакна министерката за образование Мила Царовска.
Во вечерашното гостување на Топ Тема на телевизија Телма, Царовска посочи дека остануваат на истиот став, поради варијација на бројот на позитивни ученици во училиштата, кои посетуваат настава со физичко присуство. Таа додаде дека состојбата е стабилна и се следи на дневно ниво, а доколку има промени во состојбата со бројките за тоа ќе го известат Министерството за здравство.
На прашањето дали остануваат да важат истите мерки што досега се применувале, односно изолација на учениците кои имале контакт со позитивен наставник и обратно, министерката истакна дека мерките остануваат исти и ќе се применуваат исти протоколи за заштита и спречување на ширење на вирусот.
– Ние добиваме извештај на ниво на општини, односно дека на територија на државата имаме десет нови ученици и пет нови наставници позитивни на коронавирусот, што укажува дека нема тенденција на интензивно заразување во некое училиште и дека бројките се навистина ниски на ниво на образовниот систем и се надеваме дека ќе останат и во наредниот период – посочи Царовска.
Таа додаде дека хибридниот модел на настава досега покажа одлични резултати, обезбедувајќи континуитет на наставата и притоа го заштити здравјето на учениците и наставниците.